Папата Лав XIV ја потврди драгоцената вредност на постарите лица и нивната улога како „учители на животот“, повторувајќи дека староста е време на благодат. Тоа го истакна во писмо испратено до кардиналот Кевин Фарел, префект на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, по повод состанокот на Дикастеријата посветен на пасторалната грижа за постарите лица.
„Постарите лица, во мирно прифаќање на ограничувањата што ги носат годините — без да ги кријат или да се срамат од нив — можат да бидат учители на животот, способни да им покажат на сите, а особено на младите, дека вредноста на животот не се мери според ефикасноста или самодоволноста, туку според способноста да се љуби и да се биде љубен, да се дава и да се прима.“
Ова го истакна папата Лав XIV во писмото што, во негово име, државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, го испрати до кардиналот Кевин Фарел, префект на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, по повод состанокот посветен на пасторалната грижа за постарите лица.
Темата на состанокот е: „Мост кон небото: учителството на кревкоста во време на сила“.
Папата истакна дека во денешното општество староста е сложен период од животот, но и време богато со можности. За Црквата, која отсекогаш во постарите лица препознавала значајно присуство, оваа иницијатива е од голема важност.
Постарите лица често служат на заедницата
„Денес, во многу делови од светот, постарите лица“, потсети Папата, „честопати сè уште имаат многу енергија што можат да ја посветат во служба на заедницата.“
Тој рече дека тоа е очигледно во различните облици на волонтирање, кои се неопходни во многу области од црковниот живот.
Сепак, покрај ова, староста, нагласи Светиот Отец, го насочува вниманието и кон еден подлабок и поважен аспект на христијанскиот живот: вредноста на кревкоста.
Папата посочи дека зголемувањето на просечниот животен век неизбежно подразбира и подолго траење на кревкиот период во староста, што претставува предизвик за размислување за значењето на оваа животна фаза.
Време на благодат, молитва, служење и нежност
Папата постави неколку важни прашања: „Каква вредност треба да им се даде на многуте години што еден маж или една жена можат да ги поминат во состојба на физичка или ментална слабост? Која е христијанската перспектива од која треба да се живее ова време? Како можеме да навестуваме дека човечкиот живот секогаш го задржува своето ‘бесконечно достоинство’, во секоја фаза?“
Според Папата, размислувањата на учесниците на состанокот можат да помогнат во одговарањето на овие и други прашања.
Тој нагласи дека кревкоста има духовна и заедничка вредност, бидејќи нè потсетува дека сме зависни едни од други и дека имаме потреба од Бога. Потсетувајќи на зборовите на папата Фрањок, Папата ја опиша кревкоста како „учителство“ што има многу да го научи денешното човештво.
Староста, подвлече папата Лав XIV, е време на благодат, кое треба да се живее во молитва, служење, нежност и во сеќавањето што се чува и се пренесува како благослов за идните генерации.
Иако општеството во кое живееме честопати е доминирано од логиката на успехот и натпреварот, каде што силата се сфаќа како покажување моќ и лесно може да се претвори во доминација, Папата рече дека Црквата продолжува да ја предлага евангелската порака на кротост, понизност и мир.
Први и најавторитетни сведоци преку искуство и мудрост
„Постарите членови на нашите заедници, преку своето искуство и животна мудрост, се првите и најавторитетните сведоци на оваа христијанска визија за човештвото“, рече Папата.
Папата изрази надеж дека работата на учесниците ќе придонесе за обновен однос кон постарите лица и кон благословеното време на староста. Тој посака кај луѓето во поодминати години повторно да се разбуди свеста за нивната одговорност да им пренесуваат здрави и цврсти вредности на идните генерации.
На крајот, папата Лав XIV го повика мајчиното застапништво на Пресвета Богородица и од срце им го додели на сите својот апостолски благослов.
Ватикан њуз/к.мк

