Папата Лав XIV се сретна со децата учесници на Летниот центар во Ватикан и со 300 украински деца

Папата Лав XIV се сретна со децата учесници на Летниот центар во Ватикан и со 300 украински деца

Папата во четврток 3 јули  2025 година, во салата Павле VI, се сретна со децата кои учествуваат во проектот „Estate Ragazzi“, на кои им се придружија и деца од Украина, згрижени од страна на Италијански Каритас. Темите на разговорот беа: детството, учеството на света Литургија, различноста и прифаќањето, како и војната. Папата ги поттикна децата уште сега да бидат градители на мирот и пријателството, а не промотори на омраза и завист.

Папата Лав XIV најнапред се сретна со околу 300 деца и млади од Украина, кои летово ги прими Италијански Каритас, а потоа и со 310 деца и млади кои учествуваат на Летниот центар „Estate Ragazzi“ во Ватикан.

Според соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Светиот Отец беше пречекан од аниматорите на Летниот центар, по што разговараше со децата и одговараше на нивните прашања. Им зборуваше за своето детство, за учеството на света Литургија, за местата каде ги среќавал другите деца и пријатели, но пред сè, за местото каде што го запознал својот најдобар Пријател – Исус.

Потоа зборуваше за различноста и прифаќањето, особено поздравувајќи ги украинските деца на англиски јазик. Нагласи дека е важно да се почитуваме едни со други, да не се задржуваме на разликите, туку да градиме мостови и пријателства, истакнувајќи дека сите можеме да бидеме пријатели, браќа и сестри.

Одговарајќи на едно прашање поврзано со војната, Папата објасни дека уште од најмала возраст е важно да се учиме да бидеме градители на мирот и пријателството, да не влегуваме во војни и конфликти, никогаш да не поттикнуваме омраза и завист, туку да се почитуваме меѓусебно.

Децата и младите му подарија на Папата подароци, меѓу кои беа предмети што самите ги изработиле во Летниот центар, како и цртежи и творби од малите Украинци. На крајот, по заедничкото фотографирање, заедно се помолија со молитвата „Радувај се Маријо“, а Папата Лав XIV ги благослови сите присутни.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот