Папата Лав XIV повикува на дијалог за иднината на вештачката интелигенција

Папата Лав XIV повикува на дијалог за иднината на вештачката интелигенција

Папата Лав XIV повика на одговорен и отворен дијалог за иднината на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека новите технологии мора да останат во служба на човекот, човечкото достоинство и општото добро.

„Енцикликата Magnifica humanitas е родена од внимателно слушање на луѓето што работат со вештачка интелигенција, но и од загрижувачки сведоштва за можните злоупотреби на алгоритмите и постепеното префрлање на човековата одговорност при донесувањето важни одлуки“, се наведува во пораката на папата Лав XIV до учесниците на меѓународниот собир AI for Good Global Summit.

Пораката, потпишана од државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, беше објавена на 8 јули.

Форумот се одржува во Женева од 7 до 10 јули и е иницијатива на Меѓународната унија за телекомуникации на Обединетите нации, во партнерство со други агенции на ОН и со поддршка на швајцарската влада. Неговата цел е да поттикне меѓународен дијалог за влијанието на вештачката интелигенција врз современиот свет и за можностите оваа технологија да се користи во справувањето со глобалните предизвици.

Во пораката се истакнува дека, додека учесниците размислуваат за една од најважните теми за иднината на човештвото, Светиот Отец сака да ги увери во подготвеноста на Светиот Престол да учествува во овој разговор со отвореност и чувство на одговорност.

„На оваа историска пресвртница, Папата сака да ги увери сите во присуството и подготвеноста на Светиот Престол за дијалог“, се наведува во текстот.

Во пораката се потсетува дека во енцикликата Magnifica humanitas, посветена на заштитата на човечката личност во ерата на вештачката интелигенција, папата Лав XIV ги повикува сите луѓе, научници, политичари, наставници, претприемачи и претставници на граѓанското општество, да откријат нови патишта за општото добро и за достоинствен живот за сите.

Светиот Отец објаснува дека документот е плод на долг процес на слушање различни перспективи. Тој се сретнал со научници и инженери посветени на развој на технологии што можат да го ублажат човечкото страдање, со државници и јавни лидери што бараат праведни правни рамки, како и со родители и наставници загрижени за иднината на децата и младите.

Но енцикликата е обликувана и од друга, не помалку важна реалност. Тоа се растечките загрижености околу развојот на вештачката интелигенција.

Во пораката се наведува дека Папата е загрижен од можните злоупотреби на алгоритмите, како и од ризикот одлуките што влијаат врз човечкиот живот и достоинство постепено да им се доверуваат на автоматизирани системи, без потребна човечка проценка и морална одговорност.

Поради тоа, Светиот Престол продолжува да инсистира развојот на новите технологии да биде придружен со сериозно етичко размислување, меѓународна соработка и постојан дијалог меѓу науката, политиката, економијата и верските заедници.

На крајот, папата Лав XIV изрази надеж дека работата на форумот ќе продолжи во дух на отворена и плодна соработка. Тој ги увери учесниците во своите молитви и изрази надеж дека нивните напори ќе придонесат вештачката интелигенција навистина да остане во служба на човекот, промовирајќи правда, мир и интегрален развој на секоја човечка личност.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот