Папата Лав XIV: Новите маченици ја одразуваат Христовата светлина во светот

Папата Лав XIV: Новите маченици ја одразуваат Христовата светлина во светот

Обраќајќи им се на учесниците на конференцијата „XXI век: нова ера на маченици?“, организирана од Дикастеријата за прогласување светци и Комисијата за новите маченици, сведоци на верата, папата Лав XIV ги пофали овие сведоци како „ѕвезди што светат во темнината на себичноста и угнетувањето“.

„Се восхитуваме на овие наши браќа и сестри како на ѕвезди што светат во темнината на себичноста и угнетувањето. Тие ѝ помагаат на Црквата поцелосно да ја одразува светлината на Христос Господ, за да го насочи денешното човештво кон патот што води кон цивилизација на љубовта.“

Со овие зборови папата Лав XIV им се обрати во среда наутро, 16 септември 2026 година, во Ватикан на учесниците на конференцијата „XXI век: нова ера на маченици?“, организирана од Дикастеријата за проглсување на светци и Комисијата за новите маченици, сведоци на верата.

Конференцијата се одржа во вторник во Папскиот патристички институт „Августинијанум“ во Рим и беше можност за размислување и проучување на современото мачеништво, преку сведоштва и придонеси посветени на различни географски контексти и на многуте облици на христијанско сведоштво во нашето време.

Комисијата

Папата ги поздрави присутните и објасни дека изразот „нови маченици, сведоци на верата“ означува поширока категорија, различна и од мачениците чии постапки за беатификација се во тек, и од оние што веќе се официјално вброени меѓу блажените и светците.

Комисијата, формирана од папата Фрањо во 2023 година, како што потсети папата Лав XIV, има задача да собира сведоштва за оние што го загубиле својот живот за Христос, независно од канонскиот процес, за нивниот пример да не биде заборавен.

„Тоа се браќа и сестри“, нагласи Папата, „кои во различни географски, историски и политички контексти ги дале своите животи за Евангелието.“

Сведоци на верата

Папата Лав XIV истакна дека нивното сведоштво покажува дека нашето време, иако е обележано со култура на моќ, неограничена сила и постојан развој на оружени системи, истовремено е и време во кое се пројавува хероизмот на оние што со право ги нарекуваме „нови сведоци на верата“.

Светиот Отец потсети дека многумина од нив биле убиени поради злоупотреба на моќ или од криминални организации, затоа што како христијани се спротивставиле на неправдата во името на Евангелието.

„Поимот ‘сведок на верата’“, рече тој, „беше формулиран токму за да ги прифати и почитува сложените историски ситуации во кои мотивацијата на сторителите не може изречно да се припише на ‘омраза кон верата’.“

Од оваа перспектива, објасни Папата, работата на новоформираната Комисија има историска и воспитна природа, а не правна. Таа го насочува вниманието кон внатрешното расположение на жртвата, а не кон мотивите на прогонителите.

Со други зборови, се зема предвид фактот дека жртвата му останала верна на Христос во исполнувањето на својата евангелска должност, и тоа до смрт.

Христијански живот пројавен херојски

„Во овие сведоштва на верата“, нагласи папата Лав XIV, „станува очигледно дека истрајноста во правењето добро и верноста во целосното самодарување од љубов ја црпат својата сила од победата на закланото Јагне над злото, единствената сигурност што може да им даде длабок мир на оние што веруваат во Него.“

„Во нив“, продолжи тој, „христијанскиот начин на живот се пројавува херојски: тој никогаш не бара судир, туку го разоружува преку силата на кротоста.“

Сведоците на верата, појасни Светиот Отец, не нудат идеологија, туку покажуваат вера живеена во секојдневието. Нивната веродостојност произлегува од согласноста меѓу зборовите и делата, согласност што често оди сè до врвна жртва.

„Во културни контексти обележани со рамнодушност“, рече тој, „светоста од соседната врата и тивкиот хероизам стануваат значајни облици на сведоштво, способни да го предизвикаат секого, дури и најнедоверливите.“

Да ја одразуваме Божјата светлина и да му служиме на човештвото

Во тој дух, папата Лав XIV уште еднаш го изрази восхитот на Црквата кон овие сведоци, кои помагаат да се одрази Господовата светлина и стануваат патоказ за човештвото.

„Давајќи го својот живот за правда, вистина, мир и слобода“, рече Светиот Отец, „сведоците на верата ефикасно придонесоа за доаѓањето на новото небо и новата земја, кои со доверба ги очекуваме преку Божјата милост.“

Во таа смисла, Папата порача: „Сите сме повикани да го дадеме својот придонес кон овој хоризонт на посветеност, кон оваа работилница на надежта.“

На крајот, папата Лав XIV им се заблагодари на присутните за нивната драгоцена служба и им го подели својот апостолски благослов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот