Папата Лав XIV: Никогаш не го осквернувајте Божјото име за да ги оправдате одлуките и делата на смртта

Папата Лав XIV: Никогаш не го осквернувајте Божјото име за да ги оправдате одлуките и делата на смртта

Папата Лав XIV во среда 21 април 2026 година, се сретна со претставници на властите во Малабо, во Екваторска Гвинеја, на последната етапа од своето долго апостолско патување низ Африка. Осврнувајќи се на економските интереси што стојат зад екстрактивната логика на конфликтите, Папата уште еднаш ги повика политичките лидери да не прават отстапки кога станува збор за одлуки и постапки обележани со смрт и со уништување на животната средина. Развојот, истакна Светиот Отец, не смее да го поткопува почитувањето на правдата и на човековите права. Воедно ги охрабри носителите на јавните служби да не се плашат од политики што одат спротивно на преовладувачките трендови и што го ставаат општото добро во средиштето.

Во свет ранет од гордост, народите се гладни и жедни за правда, предупреди римскиот епископ во земја што по стекнувањето независност беше погодена од суров режим, кој доведе до внатрешен општествен и политички распад, проследен со систематско насилство и злоупотреби.

Ослободени од неправедното богатство и од илузијата за доминација

Во духот на посетата на свети Иван Павле II на оваа земја пред 44 години, а и во духот на Вториот ватикански собор, папата Лав XIV им се обрати на властите на Екваторска Гвинеја на шпански јазик, изразувајќи желба да ги утеши луѓето што живеат во време на брзи промени. Потсетувајќи на делото De civitate Dei на свети Августин и упатувајќи на името на новиот главен град, Сиудад де ла Паз, римскиот епископ нагласи дека небесниот Град е вистинската татковина кон која човекот треба да се стреми.

„Секој човек може да ја препознае древната вистина дека на земјата живееме како минливи суштества. Суштински е да се почувствува разликата меѓу она што трае и она што минува, останувајќи ослободени од неправедното богатство и од илузијата за доминација“, рече Папата.

Шпекулации поттикнати од потребата за суровини

Повикувајќи се на социјалната наука на Црквата, папата Лав XIV истакна дека тој нуди морални критериуми и автентични етички начела за заштита на слободата на поединецот и за овозможување народите и владите да ја живеат својата вистинска автономија. Наследникот на Петар се осврна и на енцикликата Rerum novarum, особено на делот што зборува за парадоксот на социјалните нееднаквости и за исклученоста на голем дел од населението од пристапот до основните добра. Ова прашање е особено чувствително во Екваторска Гвинеја, особено по откривањето на значајни нафтени наоѓалишта.

Потсетувајќи и на Апостолскиот поттик Evangelii gaudium на папата Фрањо, кој често зборуваше за „економија што убива“, папата Лав XIV нагласи дека граѓанските власти и добрата политика имаат должност да ги отстранат пречките што го спречуваат целосниот човечки развој. Според него, негови темели се универзалната намена на добрата и солидарноста.

„Не можеме да го прикриеме фактот дека исклучително брзиот технолошки развој што го живееме ги забрза шпекулациите поврзани со потребата од суровини, при што лесно се ставаат во втор план темелни вредности како заштитата на создадениот свет, правата на локалните заедници, достоинството на трудот и заштитата на јавното здравје“, рече Светиот Отец.

Заштита на созданието, правата, заедниците, трудот и здравјето

Папата истакна дека војната не смее да стане крајна цел на технолошкиот развој. Тој повика луѓето да не се препуштаат на мрачен детерминизам, како да нема решение. Решението, според него, постои, а неговото јадро е во политичкото водство и во совеста обликувана за одговорност, способна за нови визии и за храброст.

„Се создава впечаток дека новите технологии сè почесто се обликуваат и употребуваат пред сè за воени цели и дека не отвораат пошироки можности за сите луѓе. Ако не дојде до промена во начинот на преземање политичка одговорност и во почитувањето на институциите и на меѓународните договори, постои опасност судбината на човештвото да биде трагично загрозена. Бог не го сака тоа. Во Црквата ќе најдете помош за обликување на слободна и одговорна совест, со која ќе можете заедно да чекорите кон иднината“, порача папата Лав XIV.

Никогаш не го осквернувајте Божјото име

Истакнувајќи ја важноста на фактот што околу 90 проценти од населението во Екваторска Гвинеја е католичко, Римскиот епископ предупреди и на злоупотребата на верата за деструктивни цели. Верата втемелена во Христос, рече тој, го воздигнува мирот и братството и учествува во градењето на човештвото во неговото најблагородно и најсвето достоинство.

„Неговото свето име не смее да се осквернува со волја за доминација, со ароганција и со дискриминација. Особено, никогаш не смее да се повикува за оправдување на одлуки и дела на смртта. Нека вашата земја не се двоуми да ги преиспита своите развојни процеси и своите позитивни можности за настап на меѓународната сцена, во служба на правото и на правдата“, заклучи папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот