Папата Лав XIV молеше Бројаница за мир: Дури и во време на конфликт, мирот е можен

Папата Лав XIV молеше Бројаница за мир: Дури и во време на конфликт, мирот е можен

На завршетокот на месецот посветен на Пресвета Богородица, во сабота 30 мај 2026 година, папата Лав XIV ја молеше Бројаницата за мир кај Лурдската пештера во Ватиканските градини, повикувајќи ги сите секојдневно да се залагаат за мир, кој е „можен кога ќе одлучиме да го слушнеме плачот на оние што се лишени од него“.

Придружувајќи им се на верниците и на богородичните светилишта низ целиот свет, папата Лав XIV ги молеше Радосните таинства од Бројаницата кај Лурдската пештера во Ватиканските градини, особено сеќавајќи се на оние што живеат во подрачја погодени од војна и насилство.

„Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Он ќе зборува за мир на Својот народ и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему.“ (Пс 85,8).

Со овој псалм Папата го започна своето размислување на крајот од петте десетки, истакнувајќи дека тој Псалм ја изразува „надежта што ни е потребна, особено во услови на сегашните тешкотии и насилство“.

Светиот Отец ги повика сите, присутните во Ватиканските градини и оние што беа поврзани од различни делови на светот, да ги „усогласат своите срца“ за да бидат отворени за слушање на Божјото слово. Така, преку молитвата, рече тој, „можеме да го разбереме значењето на настаните во историјата“ и да ја видиме Божјата промисла која нè води и нè поддржува.

Со погледот на Марија

Пресвета Богородица, истакна папата Лав, е пример за верник кој го насочува своето срце да слуша „што зборува Бог“. За нас таа е пример на послушност, зашто Го прими Исус во својата утроба.

Гледањето на таинствата на Бројаницата заедно со Марија ни помага во Исус да го препознаеме „единствениот и последен збор изговорен од Отецот, збор на мир за сите што се враќаат кај Него со покајани срца“. Тоа значи дека Бог никогаш не нè напушта, дури ни кога Го игнорираме, Го забораваме или го губиме патот. Тој нè бара и нè враќа кај Себе.

Еден збор: мир

Мирот, нагласи Папата, „не е теорија што треба да се испитува во лабораторија, ниту наивна илузија, ниту цел што треба да се следи од личен интерес“. Напротив, мирот треба да се бара со искрено срце. Тој е секојдневна посветеност. Мирот произлегува од правдата и љубовта. Тој е хармонијата што ги зближува семејствата, луѓето, заедниците и народите.

Дури и во сегашната глобална состојба, обележана со насилство, војна и конфликти, папата Лав објасни дека „мирот станува можен кога ќе избереме да го слушнеме плачот на оние што се лишени од него: невини деца, измачени мајки и татковци, злоупотребени затвореници, бегалци и луѓе од сите возрасти што страдаат“.

Сите тие, рече тој, „имаат само еден збор на усните: мир!“

Мирот е секогаш можен, бидејќи е дар од Бога. Неговиот мир има лице, лицето на Исус Христос, Синот Божји. Исус е Оној што ги руши ѕидовите на непријателството и ја победува гордоста со понизност. Тој го искупува целото создание од гревот.

Да се направи возможно она што човечки изгледа невозможно

Кога Исус е со нас и кога живееме како вистински ученици на Неговата љубов, тогаш Светиот Дух може да го направи возможно она што човечки изгледа невозможно. Спротивно на тоа, кога се оддалечуваме од Бога, се оддалечуваме и од другите и стануваме рамнодушни кон нивните страдања и борби.

„Секојпат кога се враќаме кај Господа, Неговиот мир станува наша одговорност, според должностите и задачите на секој човек“, потсети Папата. Тоа значи дека нашата молитва станува повеќе од молитва, станува наша мисија и наше пророштво.

Крикот на невините повеќе не смее да се слуша во градовите. Никој не треба да биде принуден да го напушти својот дом поради закана од бомби. Жедта за моќ и „насилството на зборовите“ треба да престанат и да отстапат место на правдата и вистината.

Секој може и мора да го даде својот придонес за мирот, повика Папата. Треба да се започне со „мали, но важни работи“, воздржувајќи се од секој облик на вербално или физичко насилство во секојдневниот живот, како и на социјалните мрежи.

Вистинскиот мир, објасни тој, започнува од срце што љуби: кога луѓето изговараат зборови на помирување и кога го гледаат светот со нежност и мудрост. „Тоа е вистинската сила, силата на вистината и љубовта.“

На крајот, папата Лав нагласи дека Бог бара миротворци. Тој ја замоли Марија, нашата Пресвета Мајка, „да ни помогне секој ден да Му одговараме со нашето ‘еве ме’, не само со зборови, туку и со дела“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот