Папата Лав XIV упати зборови на вера и охрабрување во писмо испратено до Конференцијата на вишите настојатели на машките монашки заедници во Соединетите Американски Држави, по повод нејзината 70-годишнина. Јубилејот се одбележува за време на Националното собрание во 2026 година, што се одржува во Феникс, Аризона.
Заблагодарувајќи Му на Бога за благодатите примени во изминатите седум децении, Папата ги охрабри учесниците „да продолжат да даваат единствено, радосно и автентично сведоштво за Христос“ во различните заедници и апостолати во кои служат.
„Помогнавте да се зацврсти јавното сведоштво на посветените мажи кои го посветуваат својот живот во служба на Евангелието.“
Со овие зборови на благодарност папата Лав XIV се обрати во писмо што апостолскиот нунциј во Соединетите Американски Држави, надбискупот Габриеле Кача, го прочита пред Конференцијата на вишите настојатели на машките монашки заедници.
Учесниците на средбата ја одбележуваат 70-годишнината од Конференцијата за време на Националното собрание во 2026 година, што се одржува од 20 до 23 јули во Феникс, Аризона, под мотото „Едно во Христос, заедничкиот живот денес“.
Конференцијата е национална организација што ги претставува водачите на католичките машки монашки институти, манастири и заедници на апостолски живот во Соединетите Американски Држави.
Во писмото, датирано на 16 јули и упатено до извршниот директор на Конференцијата, отец Френк Донио, Папата истакнува дека, додека се одбележуваат седум децении поттикнување соработка меѓу монасите во САД, „соодветно е да Му се заблагодари на Бога за благодатите примени во текот на овие години“.
Папата им се заблагодари за нивните напори да обезбедат простор за дијалог и поддршка за водачите на заедниците членки. Според него, тоа придонело за зацврстување на јавното сведоштво на посветените мажи, кои Му се посветени на Христос и го следат Неговиот пример.
Осврнувајќи се на темата на овогодишната средба, папата Лав XIV рече дека сака да ги охрабри „заедничкиот живот да го гледаат како место на посветување и како извор на вдохновение, сведоштво и сила во нивниот апостолат“.
„Навистина“, продолжи Папата, „токму преку споделувањето на сè заедничко, вклучувајќи ги материјалните добра, духовните искуства, апостолските идеали и делата на милосрдие, меѓу вас станува видливо скриеното присуство на воскреснатиот Господ.“
Со оваа мисла, Папата изрази доверба дека овие денови на размислување, дијалог и молитва ќе им помогнат да ги распознаат патиштата за продлабочување на братското заедништво, и внатре во нивните институти и меѓу нив.
На тој начин, додаде тој, ќе можат и понатаму да даваат „единствено, радосно и автентично сведоштво за Христос“ во различните заедници и апостолати во кои служат.
На крајот, Светиот Отец ги увери во својата духовна близина и го довери Националното собрание на застапништвото на Пресвета Богородица, Мајка на Црквата.
Потоа го додели својот апостолски благослов на сите учесници на Конференцијата и на сите заедници што тие ги претставуваат.
Ватикан њуз/к.мк

