На средбата со Фондацијата „Centesimus Annus Pro Pontifice“, папата Лав XIV ја истакна важноста на социјалната наука на Црквата во поделениот свет, нагласувајќи дека слободата треба да се живее како самодарување, а дијалогот да биде втемелен врз вистината.
Папата Лав XIV во сабота, 30 мај 2026 година, одржа аудиенција со членовите на Фондацијата „Centesimus Annus Pro Pontifice“.
Околу 400 лица учествуваат на Генералното собрание и Меѓународната конференција на фондацијата за 2026 година.
Во своето обраќање, Папата ги повика католиците да се потпрат на социјалната наука на Црквата за да одговорат на предизвиците со кои се соочува општеството, меѓу кои се војната, поларизацијата и општествените поделби.
Тој истакна дека годишната средба на фондацијата се совпаднала со неодамнешното објавување на неговата енциклика Magnifica Humanitas.
„Во средината на кршливоста се раѓа нова надеж“, рече тој. „Дури и кога се чини дека поделбите растат, се појавува заеднички именител што неоспорно нè обединува сите: нашата заедничка човечност.“
Папата Лав рече дека моментите на неволја го повикуваат човекот да се врати на основните прашања што ги вознемируваат срцата на генерациите: „Каде одиме? Кон која цел сакаме да се насочиме? Кој правец треба да го избереме како народ и како човечка заедница?“
Овие прашања, рече тој, ја откриваат потрагата на човештвото по вистината и ја будат нашата жед за Бога и за смисла.
Тие, исто така, укажуваат на најдлабоките аспекти на човечката личност, особено на „од Бога дадените дарови на разумот и слободата“, преку кои мажите и жените можат да ја спознаат вистината и да го изберат доброто.
Размислувајќи за слободата, папата Лав предупреди дека таа не смее да се сведе на „способност да се прави што се сака“.
Вистинската слобода, рече тој, го наоѓа своето исполнување само кога се живее како дарување на себеси и отвореност за другите.
Кога слободата станува апсолутна на индивидуалистички начин, додаде Папата, таа го губи своето првобитно значење и достоинство.
Папата ја поврза оваа визија со двата града опишани од свети Августин: градот на човекот, изграден врз гордост и самољубие, и Божјиот град, изграден врз љубов кон Бога и несебичност.
Божјиот град, рече тој, е втемелен врз односи и овозможува изградба на вистинска цивилизација на љубовта.
Осврнувајќи се на кризата со која се соочуваат современите демократии, папата Лав рече дека нејзината вистинска причина произлегува од антрополошката криза: човештвото го заборавило Бога, а со тоа заборавило и како да се љубиме едни со други.
И покрај тоа, Папата рече дека христијаните не смеат да се предадат на очајот. Напротив, повикани сме да го дадеме својот придонес преку постојана верност во секојдневниот живот.
На крајот, папата Лав XIV ги потсети членовите на Фондацијата „Centesimus Annus Pro Pontifice“ дека за создавање цивилизација изградена врз љубовта е потребен дијалог втемелен врз вистината.
„Имајќи предвид на вроденото достоинство на секоја личност“, рече тој, „овозможува себичноста и индивидуалните интереси да бидат надминати во корист на општото добро.“
Ватикан њуз/к.мк

