Папа Лав XIV ја потврди драгоцената улога на возрасните луѓе како „учители на животот“ и нагласи дека староста е време на благодат. Ова се истакнува во писмото испратено од името на Светиот Отец преку ватиканскиот државен секретар, кардинал Пјетро Паролин, до кардинал Кевин Фарел, префект на Дикастеријата за мирјаните, семејството и животот.
Писмото е испратено по повод средбата посветена на пасторалната грижа за возрасните луѓе, на тема „Мост кон небото, учителството на кревкоста во време на силата“.
„Возрасните луѓе, кои мирно ги прифаќаат ограничувањата што ги носат годините, без да ги прикриваат и без да се срамат од нив, можат да бидат учители на животот. Тие можат да им покажат на сите, а особено на младите, дека вредноста на човечкиот живот не се мери според ефикасноста или самостојноста, туку според способноста да се љуби и да се биде љубен, да се дава и да се прима“, истакнува Папата.
Според Светиот Отец, во современото општество староста е сложен период од животот, исполнет со предизвици, но и со можности. За Црквата, која отсекогаш ја препознавала важната улога на возрасните луѓе, ваквите иницијативи имаат особено значење.
Папата забележува дека во многу делови од светот возрасните луѓе продолжуваат да ги посветуваат своето време и своите сили во служба на заедницата. Тоа се гледа во различните облици на волонтерство, кои се од суштинско значење за животот на многу црковни заедници.
Покрај тоа, староста го насочува вниманието кон еден подлабок аспект на христијанскиот живот, вредноста на човечката кревкост.
Зголемувањето на просечниот животен век неизбежно води и до продолжување на периодот на телесна и психичка ранливост. Тоа отвора важни прашања.
Каква вредност треба да им се даде на годините што човек може да ги проживее во состојба на телесна или умствена слабост? Каква е христијанската перспектива за овој период од животот? Како можеме да објавуваме дека човечкиот живот секогаш го поседува своето „бескрајно достоинство“ во секоја своја фаза?
Папа Лав XIV изразува уверување дека размислувањата на учесниците на средбата ќе помогнат да се дадат одговори на овие прашања.
Тој нагласува и дека кревкоста има духовна и заедничка вредност, бидејќи нè потсетува дека сме меѓусебно зависни и дека имаме потреба од Бога. Во духот на папа Фрањо, Светиот Отец зборува за своевидно „учителство на кревкоста“, кое има многу што да го научи современиот свет.
Според него, староста е „време на благодат“, кое треба да се живее во молитва, служење, нежност и преку пренесување на паметењето и животната мудрост. Така староста станува благослов за идните генерации.
Дури и во општество во кое доминира логиката на резултатите, конкуренцијата и стремежот за моќ, Црквата продолжува да го предлага евангелскиот пат на кротост, понизност и мир.
„Возрасните членови на нашите заедници, преку своето искуство и животна мудрост, се првите и најавторитетни сведоци на овој христијански поглед на човекот“, нагласува Папата.
На крајот, Светиот Отец изразува надеж дека работата на учесниците на средбата ќе придонесе за создавање нов однос кон возрасните луѓе и кон благословеното време на староста.
Тој ги повикува луѓето во поодмината возраст да ја препознаат својата одговорност да им пренесуваат на младите генерации здрави и трајни вредности.
Папа Лав XIV ја завршува својата порака доверувајќи ги сите на мајчинското застапништво на Пресвета Дева Марија и упатувајќи им го својот апостолски благослов.
Ватикан њуз/к.мк

