Папата Лав XIV во „Саграда Фамилија“: Не може да се верува во Христос и да се убиваат невини
Во базиликата „Саграда Фамилија“, која ја опиша како катехеза создадена од камен, боја и светлина, папата Лав XIV нагласи дека оние што веруваат во Христос не можат да убиваат невини луѓе, ниту да ги напуштат оние што страдаат, плачат и бегаат од сиромаштија.
Папата Лав XIV ја започна својата посета на „Саграда Фамилија“ со молитва пред Пресветата Тајна и со посета на гробот на Антони Гауди, чија визија ја обликуваше оваа базилика како монументален израз на христијанската вера преку архитектура, светлина, боја и симболика.
Служејќи Света Литургија по повод 100-годишнината од смртта на Гауди и благословот на Кулата на Исус Христос, Папата се осврна на евангелскиот повик на верата и нагласи дека вистинската вера во Христос е неспоива со насилството, рамнодушноста и напуштањето на оние што страдаат.
Во својата проповед, изговорена на каталонски и шпански јазик, Папата се задржа на зборовите од Евангелието според Иван: „Ќе умрете во своите гревови, ако не поверувате дека Јас сум Тој.“ Тој истакна дека тоа се силни зборови, но истовремено и повик за спасение.
„Не може да се верува во Исус и да се води војна. Не може да се верува во Исус и да се убиваат невини. Не може да се верува во Исус и да се напуштат оние што страдаат, што плачат, што бегаат од сиромаштија“, нагласи Папата.
„Саграда Фамилија“ како раширени раце
Поздравувајќи ги кралот Фелипе VI и кралицата Летиција, кои го пречекаа заедно со шпанскиот премиер Педро Санчез, како и претставниците на политичките и црковните власти, папата Лав XIV рече дека базиликата „Саграда Фамилија“ ги отвора своите врати како раширени раце.
Таа, рече Папата, ги повикува сите да пристапат кон олтарот, да го слушаат Божјото Слово, кое нè прави семејство сакано од Господ и хрането од самиот Негов живот во Евхаристијата.
Обраќајќи се пред граѓанските и верските водачи, Папата ја опиша базиликата како знак на единство што ги собира луѓето околу Божјото Слово и Евхаристијата.
Црквата како жива градба
Црпејќи од архитектурата на базиликата, Папата ја спореди Црквата со жива градба составена од многу камења, во која Христос е темелот и целта.
Тековната изградба на „Саграда Фамилија“, рече тој, го симболизира христијанскиот живот како дело што Бог постојано го довршува, повикувајќи ги верниците да соработуваат во Неговиот план.
Папата го истакна и духовното значење на дизајнот на базиликата, нагласувајќи дека нејзините фасади и новоблагословената Кула на Исус Христос упатуваат кон Крстот како знак на откупување, надеж и божествена љубов.
Осветлениот крст на врвот од кулата, додаде тој, е видливо сведоштво на верата и светилник за градот.
Уметноста како пат кон Христос
Папата Лав XIV нагласи дека уметноста има единствена улога во изразувањето на верата. Тој го пофали Гауди за создавањето духовно патување што ги води посетителите на средба со Христос.
Според Папата, „Саграда Фамилија“ не е само архитектонско ремек-дело, туку и моќен инструмент за евангелизација — катехеза во камен, боја и светлина, која зборува за Христос и за Неговата љубов кон човештвото.
На крајот од својата проповед, папата Лав им се заблагодари на сите што ја поддржале изградбата на базиликата и ги повика верниците не само да ги подигнат очите кон Христос, туку и да ги подигнуваат оние што се маргинализирани и што страдаат.
Тој потсети дека пораката на „Саграда Фамилија“ е порака на надеж и милосрдие, која треба да го води христијанскиот живот и сведоштво.
Ватикан њуз/к.мк

