Папата Лав XIV во Павија и Сант’Анџело Лодиџано

Папата Лав XIV во Павија и Сант’Анџело Лодиџано

Пасторалната посета на папата Лав XIV во Павија и Сант’Анџело Лодиџано, во сабота 20 јуни 2026 година, беше обележана со три големи теми: внатрешниот живот по примерот на свети Августин, одговорноста за заедничкото добро во градот и сведоштвото на света Франческа Ксаверија Кабрини во служба на мигрантите.

Во Павија, Папата ја посети базиликата „Свети Петар во Златното Небо“, каде што се чуваат моштите на свети Августин. Таму ги повика верниците да не паднат во песимизам пред тешкотиите на времето, туку да научат подлабоко да ја читаат стварноста со очите на верата. Според него, Црквата не смее да се изгуби во многубројни активности и структури ако во центарот не е Христос. Сè што се прави во парохиите, за младите, за сиромашните и за заедницата, мора повторно да се враќа кај Него како темел.

Папата посочи дека свети Августин и денес е силен водич, особено преку повикот кон внатрешноста. Во свет во кој човекот лесно се губи во надворешноста, во брзината и во расеаноста, Августин потсетува дека вистината се бара во длабочината на срцето. Затоа Папата ги охрабри верниците да се вратат на молитвата, размислувањето и личната средба со Бога, за да можат подобро да ги разберат знаците на времето.

Во обраќањето до граѓанските и црковните власти во Павија, папата Лав XIV го опиша градот како „дар и задача“. Тој потсети дека градот покрај тоа што е збир на згради, улици и институции, тој е и заедница на луѓе кои се повикани да се грижат едни за други. Папата повика на обновена граѓанска одговорност, учество во јавниот живот и грижа за заедничкото добро. Особено ја истакна важноста на образованието, универзитетот, здравството, културата и солидарноста како простори во кои човечкото достоинство треба да биде во центарот.

Тој ја охрабри локалната Црква да биде „огниште на верата и дом на љубовта“, особено за сиромашните, старите лица и осамените. Благодарност изрази и на волонтерите, кои со својата служба покажуваат дека вистинското богатство на градот не се мери само со материјални добра, туку и со добродетел, солидарност и грижа.

Во Сант’Анџело Лодиџано, родното место на света Франческа Ксаверија Кабрини, Папата ја поврза нејзината мисија со денешниот предизвик на миграцијата. Кабрини, која сонувала да оди како мисионерка на Исток, по совет на папата Лав XIII заминала на Запад, меѓу италијанските мигранти во Америка. Таа го препознала страдањето на мигрантите како повик од Бога и одговорила со училишта, болници, сиропиталишта и дела на љубов.

Папата истакна дека нејзиниот пример останува актуелен. Во свет обележан со преселби, несигурност, сиромаштија и човечки рани, Црквата е повикана да гледа на мигрантите како на луѓе што треба да бидат придружувани со љубовта на Христовото Срце.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот