На денешниот празник Воздвижение на чесниот Крст, Папата во проповедта на светата Литургија зборуваше за размислувањето за крстот кој за нас христијаните значи размислување за знакот на поразот, но и на победата.
Исусовиот крст нѐ поучува дека во животот постои неуспех и победа и дека не треба да се плашиме од лошите моменти кои можат да бидат осветлени токму од крстот, знакот на Божјата победа над злото. Злото, сатаната кој е уништен, но сѐ уште лае, се заканува и ако му се приближиш за да го погалиш ќе те уништи – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија служена во домот Света Марта на празникот Воздвижение на чесниот Крст.
Исусовиот пораз ги просветлува нашите лоши моменти
Размислувањето за крстот, христијанскиот знак, за нас значи размислување за знакот на поразот, но и на победата. На крстот пропаѓа сето она што Исус го направил во животот, и исчезнува целата надеж на луѓето кои го наследувале. Да не се плашиме да размислуваме за крстот како за момент на пораз, неуспех – рече Папата и осврнувајќи се на второто читање од денешната Литургија односно на делот од Посланието на свети Павле до Филипјаните, истакна дека свети Павле кога размислува за таинството на Исус Христос зборува за многу впечатливи работи, ни кажува дека Исус сам себе се „смири“, целосно се понизи.
Ги презеде на себе сите наши гревови, сите гревови на светот. Бил безвреден, осуденик. Свети Павле не се плашел да го прикаже тој пораз – рече Светиот Отец – и тоа може малку да ги расветли нашите лоши моменти, моментите на нашиот пораз; но крстот за нас христијаните е и знак на победа.
На Велики Петок „големата замка“ за сатаната
Книгата Броеви во првото читање зборува за излегувањето од Египет и мометот кога Израелскиот народ приговара и змии го искасале. Тоа потсетува на старата змија, сатаната, големиот обвинител – рече Папата. Но, змијата која ја предизвикала смртта, рекол Господ на Мојсеј ќе биде воздигната и ќе даде спасение. Тоа е пророштвото – рече Светиот Отец и додаде: Исус го победува создателот на гревот, ја победува змијата. Сатаната бил среќен на Велики Петок; толку бил среќен што не ја воочил големата замка на историјата во која ќе падне – истакна папата Фрањо.
Го проголтува Исус, но и на неговото божество и губи
Како велат црковните оци, сатаната го здогледува Исус толку исцрпен и во лоша состојба како прегладнета риба која оди на мамката на јадицата, отишол таму и го проголтува на Исус – рече Папата и истакна: Но, во тој момент го проголтува неговото божеството. Сатаната тогаш засекогаш е уништен. Нема повеќе сили. Крстот во тој момент станува знак на победата – рече папата Фрањо.
Старата змија е врзана со синџири, но не смееш да се приближиш
Нашата победа е Исусовиот крст, победата пред нашиот непријател, големата стара змија, големиот обвинител. На крстот сме спасени – истакна Папата – на оној пат кој Исус го поминал сѐ до најголемото понижување, но со силата на божеството. Исус вели: „И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“ (Иван 12, 32)
Исус е воздигнат, а сатаната уништена. Исусовиот крст за нас треба да биде сила која привлекува; треба да го гледаме затоа што е сила со која можеме да одиме напред. А уништената стара змија сѐ уште лае, сѐ уште се заканува, но како што зборувале црковните оци, тој е како пес врзан со синџири – не му се приближувај и нема да те касне; но ако одиш да го погалиш затоа што неговата привлечност те води таму како да е мало кученце, подготви се да те уништи.
Пред крстот, знакот на поразот и победата
Нашиот живот оди понатаму – објасни Папата – со Христос победник и воскреснат, Кој ни го испраќа Светиот Дух, но и со оној пес врзан во синџири на кој не смееме да му се приближиме затоа што ќе нѐ касне. Крстот нѐ учи дека во животот има неуспех и победа – истакна папата Фрањо. Мора да бидеме способни трпеливо да ги поднесуваме поразите исто така и поразите од своите гревови затоа што Тој плати за нас. Треба да ги поднесуваме во Него, да бараме прошка во Него и да не дозволиме да нѐ заведе тој пес во синџири. Би било убаво денес дома 5, 10, 15 минути ако поминеме пред крстот оној кој го имаме дома, или оној на Бројаницата и да го гледаме, тој е нашиот знак на поразот кој поттикнува на прогонства, кој нѐ уништува, но тој исто така е наш знак на победата, затоа што Бог на него победи – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк