Папата Лав XIV во понеделник 28 јули 2025 година, изрази длабока жалост и духовна близина поради смртоносниот напад врз парохијата Блажена Ануарита во Команда, покраината Итури, во Демократска Република Конго.
Во својата порака по повод бруталниот напад врз католичката црква во градот Команда, Светиот Отец пишува: „Крвта на овие маченици нека стане семе на мир, на помирување, на братство и љубов кон конгоанскиот народ“.
Во неделата, речиси 40 лица беа убиени во источниот дел на Конго, во покраината Итури, кога вооружени бунтовници влегоа во католичка црква за време на молитвено бдение и отворија оган врз верниците.
Според локалните извори, најмалку 38 лица – меѓу нив жени и деца – загинаа во самата црква, а уште петмина беа убиени во блиското село.
Во телеграма упатена до монс. Мугалу, надбискуп и претседател на Конгоанската бискупска конференција, во име на Папата, државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, наведува: „Неговата Светост Папата Лав XIV со ужас и длабока тага дозна за нападот врз парохијата Блажена Ануарита во Команда, кој предизвика смрт на повеќе верници собрани на богослужба.“.
Во продолжение на пораката се вели дека оваа трагедија „повикува на уште поитна заложба за целосен човечки развој на маченичкиот народ од тој регион“.
На крајот од телеграмата, Папата го упатува својот апостолски благослов врз парохијата Блажена Ануарита, врз ожалостените семејства, врз сите верници во Демократска Република Конго и врз целиот народ.
Екстремистички насилства
Според властите на Демократска Република Конго, нападот врз црквата во градот Команда, кој се наоѓа во подрачје погодено од долготраен конфликт, бил извршен од страна на Сојузничките демократски сили (ADF), бунтовничка група поддржана од Исламската држава. Оваа група често напаѓа села во источен Конго, како и во соседна Уганда.
ADF има корени во Уганда од 1990-тите години. По соборувањето на диктаторот Иди Амин, неколку незадоволни групи се спротивставија на новата влада предводена од претседателот Јовери Мусевени, обвинувајќи ја за дискриминација на муслиманското население. Со текот на времето, ADF се разви во значајна милитантна структура, но беше потисната од територијата на Уганда и денес делува во граничните области меѓу Уганда и Конго, при што најчесто ги таргетира цивилите во изолирани села.
Ватикан њуз/к.мк