Папата: Источните христијани придонесуваат за дијалогот во потрагата по праведен мир

Папата: Источните христијани придонесуваат за дијалогот во потрагата по праведен мир

На средбата со претставници на организации кои им помагаат на источните христијани, папата Лав XIV повика на дијалог меѓу верата и разумот, културата и историјата, во потрагата по „невооружен и разоружувачки мир“.

Папата Лав XIV во среда, 4 ноември 2026 година, се сретна со делегации на L’Œuvre d’Orient и Institut Chrétiens d’Orient, организации посветени на поддршката на источните христијани.

Во своето обраќање Светиот Отец потсети на Споменот на сите верни починати, кој во Латинската Црква се одбележува на 2 ноември.

Тој истакна дека ова литургиско одбележување е можност на Божјото милосрдие да му се доверат „многубројните жртви на вооружените конфликти кои сè уште го облеваат светот со крв“.

Двете организации на 5 и 6 ноември во Папскиот ориентален институт во Рим организираат конференција на тема „Мирот ставен на испит од светот. Источните христијани, конфликтите и градењето мир“.

Папата ја поздрави иницијативата што обединува повеќе академски дисциплини во настојувањето подобро да се разберат современите конфликти и да се бараат условите за „праведен и траен мир, особено на Блискиот Исток“.

Тој ги охрабри учесниците во својата работа да пристапуваат со понизност и со дух на миротворци.

„Дијалогот меѓу филозофијата и другите дисциплини ни овозможува повторно да го откриеме значењето на зборовите и поимите што ги користиме. Тоа веројатно е еден од главните предизвици на нашето време“, рече Папата.

Светиот Отец изрази задоволство и поради настојувањето преку конференцијата да се создаде меѓународна мрежа на научници кои мирот ќе го постават во средиштето на своите истражувања.

„Дијалогот меѓу верата и разумот, културата и историјата е неопходен пат кон правдата и помирувањето“, нагласи папата Лав XIV.

На крајот, Папата ги повика присутните да бидат сејачи на надеж преку своето размислување и дејствување, задржувајќи ја понизноста на која нè учи Евангелието, бидејќи „еден сее, а друг жнее“.

„Размислувајќи за критериумите за праведен и траен мир, особено на Блискиот Исток и во Источна Европа, станувате слуги на мир кој е невооружен и разоружувачки, понизен и истраен“, порача папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот