Во пораката до генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) Ку Донгју по повод 44. Светски ден на храната, кој се одбележува на 16 октомври, папата Фрањо поттикна да се разгледаат принципите на супсидијарност и солидарност како основа на развојните програми, ставајќи ги на прво место потребите на работниците, земјоделците, сиромашните и гладните
За да се соочиме вистински и да ги решиме прехранбените проблеми на човештвото во нашево време, кое многу е рането од бројни неправди, итно му требаат ефективни мерки за подобар живот, неопходно е да се разгледаат принципите на супсидијарност и солидарност како основи на нашите развојни програми и проекти, и да се слушнат барањата на оние кои се „во основата на синџирот на исхрана“ како што се малите земјоделци и семејствата директно вклучени во прехраната на луѓето. Ова го истакна папата Фрањо во пораката до генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Ку Донгју, по повод 44. Светски ден на храна, кој се одбележува на 16 октомври.
Потреби што доаѓаат „одоздола“
Според Папата, никогаш не треба да го одложуваме слушањето на потребите што доаѓаат одоздола, од работниците и земјоделците, од сиромашните и гладните и од оние кои живеат во тешки услови во изолирани рурални области. Само ако го земеме „идеалот на правдата“ како водич за нашите постапки, потребите на луѓето можат да се задоволат – истакнува Светиот Отец. Ова е принципот за „целосна екологија“, предложен од Папата во енцикликата Laudato si, кој повикува да се земат предвид потребите на секој човек и на целата личност, со цел да се заштити неговото достоинство во однос на другите и во блиска врска со грижата за целото создание.
Достоинствен живот на човечката личност
Папата потсетува дека темата на овој ден нè поттикнува да размислуваме за правото на храна за подобар живот и иднина која одговара на една од основните потреби на човечките суштества, а тоа е да се хранат за да живеат според соодветни стандарди кои гарантираат достоинствен живот на човечката личност. Меѓутоа, гледаме дека тоа право често се занемарува – забележува папата Фрањо – и дека не се применува правично, туку со штетни последици. Затоа го нагласува предлогот до ФАО за трансформација на системите за прехрана што ги зема предвид плуралноста и разновидноста на хранлива, достапна, здрава и одржлива храна со цел да се постигне прехранбена сигурност и здрава прехрана за сите.
Отворена градина
На човештвото итно му се потребни ефективни мерки за подобар живот – забележува Папата – да делуваме заедно во ист дух на братство и знаејќи дека оваа планета што ни ја подари Бог треба да биде градина отворена за заеднички живот. За тоа се потребни одлуки засновани на солидарност, преку кои заштитата на идните генерации оди во чекор со заштитата на сегашните генерации, „преку внатрегенерациски и меѓугенерациски сојуз“, заснован на братство, со цел да се даде ново значење на меѓународната соработка, која мора да бидат анимирани од ФАО и целиот мултилатерален систем.
На тој пат – забележува на крајот Папата – меѓународната заедница ќе може да смета на охрабрувањето од Светиот Престол и Католичката црква и на нивниот упорен придонес секој да има храна во соодветна количина и квалитет за себе и за своето семејство, за да може секој човек да живее достоинствено и дефинитивно да биде победена жалната чума на сиромаштво и глад во светот.
Ватикан њуз/к.мк