Како човек може да ја продлабочи својата вера за време на одморот? Ова прашање, упатено до Папата од Маурицио, пристигнува токму во периодот на летните одмори, а е објавено во јулско-августовското издание на списанието „Piazza San Pietro“. Во својот одговор, папата Лав XIV го насочува погледот кон оние што, од различни причини, не можат да имаат безгрижен одмор.
Папата Лав XIV во својот одговор му се заблагодарува на Маурицио за прашањето и најнапред потсетува на луѓето што, не само поради финансиски причини, не можат да уживаат во мирен и безгрижен одмор: сиромашните, болните, осамените, невработените, бегалците, жртвите на војна и насилство, како и старите лица.
Да не ги оставаме луѓето сами
Одморот треба да биде време на заедништво, пријателство и братство.
„Особено на христијаните, на семејствата, на родителите и децата, на младите и на старите, им посакувам летото да биде можност за плодни општествени и верски искуства, за да се продлабочи посланието во Црквата и во општеството“, порача папата Лав XIV.
Истовремено, тој изразува надеж дека на болните „во овие летни месеци нема да им недостасува близината на нивните роднини, на волонтерите и на луѓето што ќе одлучат дел од својот одмор да го поминат во братска посветеност и солидарност“.
Папата ги охрабрува семејствата во овој период да не ги оставаат сами своите постари членови.
Волонтерите, без разлика дали се млади или стари, Папата ги повикува дел од својот одмор да го посветат на оние што имаат потреба и на оние што страдаат.
„Посветете се на тоа да им донесете човечност и надеж на оние што страдаат, и ќе ги видите плодовите на благодатта. Ќе видите колку љубов ќе го исполни вашиот живот, колку радост, колку среќа“, истакна Светиот Отец.
Како совет за зајакнување на верата, Папата порача: „Искористете го и летното време за да го живеете Евангелието на мирот и милосрдието.“
Истовремено, тој повика на едноставен и умерен начин на живот. Христијаните за време на одморот треба да избегнуваат потрошувачки дух, расфрлање и материјализам, а наместо тоа да живеат милосрдие, мир и солидарност.
На тој начин летниот период може да стане можност верата конкретно да се продлабочи во секојдневието и да се посведочи Евангелието на љубовта.
На крајот, папата Лав XIV потсети дека не човечката моќ, туку единствено Божјата љубов може да му подари надеж и иднина на светот.
Ватикан њуз/к.мк

