Папата Фрањо даде интервју за аргентинската новинска агенција Télam и зборуваше за Синодата, за синодалноста која е во тек во Ватикан, светските војни и глобалните кризи, како и за неговата желба да ги посети Аргентина и Папуа Нова Гвинеја.
„Искористувањето е една од причините за војните. Вториот извор е од геополитичка природа и е поврзан со територијална доминација“.
Тоа го изнесе папата Фрањо во интервју за аргентинската новинска агенција Télam, во кое зборуваше и за други теми како „лажните месии“, вештачката интелигенција, Синодата за синодалноста што е во тек во Ватикан, како и за апостолските патувања на кои би сакал да отиде.
Кризата на човештвото
Тој првично зборуваше за бројните кризи со кои се соочува светот денес.
Ми се допаѓа зборот „криза“ бидејќи има внатрешно движење, рече Папата. Од кризата се излегува одозгора, не преку махинации. Излегуваш од неа одозгора, а не излегуваш сам.
Тој ја истакна важноста да ги научиме младите како да ги решаваат кризите, велејќи дека тоа носи зрелост и нѐ учи да ги препознаваме „лажните месии“.
Бернарда Љоренте, новинарката на Télam која го водеше интервјуто, го праша Папата: Што му недостига на човештвото, а што има премногу?
Папата Фрањо одговори истакнувајќи ја потребата да се промовираат „вистинските вредности“.
На нашиот свет му недостигаат протагонисти на човештвото кои ја покажуваат својата човечка улога, рече Светиот Отец. Понекогаш забележувам дека недостасува способност за управување со кризи и презентирање на сопствената култура. Да не се плашиме да дозволиме вистинските вредности на државата да излезат на површина. Кризите се како гласови кои ни покажуваат каде треба да преземеме акција.
Достоинство на работата
На темата работа, папата Фрањо истакна дека искористувањето на луѓето е тежок грев.
Работата ни дава достоинство. Меѓутоа, најголемото предавство на тој пат до достоинството е експлоатацијата, рече римскиот бискуп. Искористувањето на луѓето за лична корист е еден од најтешките гревови.
Папата истакна дека некои луѓе го нарекуваат комунист кога ги коментираат неговите социјални енциклики.
Тоа не е точно. Папата го зема Евангелието и кажува што вели Евангелието, истакна тој. Уште во Стариот Завет, еврејскиот закон бараше грижа за вдовиците, сираците и странците. Ако општеството ги исполнува тие три работи, тоа напредува и оди напред, нагласи Папата.
Нагласувам дека не сум комунист како што велат некои. Папата го следи Евангелието, истакна папата Фрањо.
Технолошко угнетување
Прашан за технолошкиот напредок и неговите импликации, Папата го истакна приматот на човечката личност во однос на научниот напредок.
Критериум за културен напредок, вклучително и вештачката интелигенција, е способноста на мажите и жените да ја управуваат и асимилираат, рече Светиот Отец.
Со други зборови, мажите и жените се господари на создаденото и не смееме да се откажеме од тоа. Лично господарење над сè. Сериозната научна промена е напредок. Мораме да бидеме отворени за тоа, истакна тој.
Војна и безбедност
Враќајќи се на темата за војна, Папата ги повика народите да го продолжат дијалогот со надеж за мир. Верувам дека дијалогот не може да биде само националистички, рече тој. Тој е универзален, особено денес со сите достапни можности за комуникација. Затоа зборувам за универзален дијалог, универзална хармонија и универзална средба. Се разбира, непријател на ова е војната.
Папата Фрањо рече дека верува оти „експлоатацијата“ и „територијалната доминација“ се изворите на војните „поттикнати од диктатурите“.
За градење на мирот и општото добро, Светиот Отец повика на национална самосвест. Не можете да водите дијалог со другите ако не сте свесни каде се наоѓате. Кога ќе се сретнат два свесни идентитети, тие можат да водат дијалог и да преземат чекори кон договор, напредок и одење заедно.
Црква која се движи во хармонија
Во врска со Синодата за синодалноста што е во тек во Ватикан, папата Фрањо призна дека Црквата треба да се прилагоди на времето на секоја доба.
Од почетокот на Вториот ватикански собор, Иван XXIII имаше многу јасна перцепција: Црквата треба да се промени. Павле VI се согласи и продолжи, како и Pапите кои ги наследија, рече папата Фрањо. Не се работи само за промена на модата, туку промена која го промовира достоинството на поединецот. И тука лежи теолошкиот напредок, во моралната теологија и сите црковни науки, дури и толкувањето на Светото Pисмо, кое напредува во согласност со чувствата на Црквата. Секогаш во хармонија, нагласи Папата.
Важноста на надежта
Светиот Отец ја заврши средбата зборувајќи за својот однос со Бога. Господ е добар пријател, рече Папата. Добро се однесува со мене. Тој исто така ја истакна важноста на насмевката и доблеста на надежта што човекот треба да ја поседува во себе.
Не можеме да живееме без надеж. Ако секој ден ги прекинуваме малите надежи, би го изгубиле идентитетот, рече тој.
Што се однесува до неговите апостолски патувања, папата Фрањо рече дека би сакал да оди во родната Аргентина. Зборувајќи за најоддалечените места, ми остана уште Папуа Нова Гвинеја, призна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк