Папата: Евангелизацијата бара постојана обнова на Црквата

Папата: Евангелизацијата бара постојана обнова на Црквата

Бидете пророштво за мир за светот – со овие зборови Папата ги повика бискупите на Италија, со кои се сретна на 20 ноември 2025 година, во базиликата „Госпоѓа на Ангелите“ во Асизи по повод затворањето на нивното 81-во Генерално собрание.

„Да гледаме во Исус е првото нешто на што сме повикани да го направиме“, им рече Лав XIV на италијанските бискупи, потсетувајќи дека „во овој момент, повеќе од кога било, треба да го ставиме Исус Христос во центарот и, следејќи го патот зацртан во Evangelii gaudium, да им помогнеме на луѓето да изградат личен однос со него за да ја откријат радоста на Евангелието“. „Во ера на големи поделби, мора да се вратиме на темелите на нашата вера, на керигмата“, нагласи Светиот Отец на почетокот од својот говор.

Папата потсети дека погледот свртен кон лицето на Исус „ни овозможува да погледнеме во лицето на нашите браќа и сестри“. „Неговата љубов нè поттикнува да одиме кај нив. А верата во него – нашиот мир – нè повикува на сите да им го донесеме дарот на неговиот мир“, додаде Лав XIV.

Бидете пророштво за мир за светот

Папата истакна дека „живееме во време обележано со поделби, како на национално, така и на меѓународно ниво: пораките и јазикот исполнети со непријателство и насилство често се шират; стремежот кон ефикасност ги остава најслабите зад себе; семоќта на технологијата ја стеснува слободата; осаменоста ја убива надежта, а бројни пројави на неизвесност ја оптоваруваат иднината“.

„Сепак, Божјото Слово и Духот повторно нè повикуваат да бидеме градители на пријателство, братство, автентични односи во нашите заедници, каде што без срам или страв мора да слушаме и да ги усогласиме противречностите, развивајќи култура на средба и на тој начин станувајќи пророштво за мир за светот“, нагласи Светиот Отец.

Евангелизацијата бара постојана обнова на Црквата

Папата ги повика италијанските бискупи да продолжат да ја проповедаат пораката за спасение, градење мир, промовирање на човечкото достоинство, културата на дијалог и христијанскиот антрополошки поглед.

Светиот Отец, исто така, посака, во духот на синодалноста, да продолжи размислувањето за обединувањето на некои епархии кои се мали и имаат ограничени ресурси, и ги охрабри бискупите да се слушаат не само едни со други, туку и Божјиот народ – вклучително и за прашања поврзани со именување на нови бискупи.

Папата истакна дека евангелизацијата бара постојана обнова од Црквата. Во овој поглед, тој изрази желба да се почитува канонската норма што предвидува прекин на службата на бискупскиот ординариј по наполнување на 75 години. Светиот Отец прецизираше дека само за кардиналите може да се разгледа можноста за продолжување на службата за уште две години.

Да се промовира холистички хуманизам и да се заштитат слабите

Светиот Отец ги охрабри бискупите да продолжат да го поддржуваат интегралниот хуманизам, да го бранат човечкиот живот, да учествуваат во јавни дискусии, да ја шират културата на почитување на законот и солидарност.

„Продолжете да бидете блиску до семејствата, до младите, до старите лица, до оние кои живеат во осаменост. Продолжете да се грижите за сиромашните: христијанските заедници, длабоко вкоренети во местата, бројните пасторални работници и волонтери, бискупските и парохиските Каритаси веќе вршат огромна работа во оваа насока и ви благодарам за тоа“, рече Лав XIV.

Папата ја повика Црквата во Италија да поучува за хумана употреба на дигиталните технологии, охрабрувајќи го интернетот да биде вистински простор на слобода, одговорност и братство.

Светиот Отец, исто така, ја истакна важноста на промовирањето на култура на спречување на злоупотреба. „Ви благодарам за сè што веќе направивте и ве охрабрувам да продолжите со вашите напори за заштита на децата и ранливите возрасни лица“, додаде Лав XIV, изразувајќи ја желбата Црквата во Италија да биде знак и сведок на Царството Божјо во светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот