Продолжува патувањето на префектот на Конгрегацијата за Источни Цркви во Сирија кое започна на 25 октомври, а ќе заврши на 3 ноември. Кардинал Сандри во текот на посетата на таа земја меѓу останатото ќе се сретне со млади кои страдаат од последиците од десетгодишниот конфликт.
Патувањето ќе ја донесе утехата, солидарноста и близината на папата Фрањо на земјата која проживеа десет години војна и која сега се соочува со рушевини – со таа задача кардиналот Леонардо Сандри префект на Конгрегацијата за Источни Цркви, ја продолжува својата посета на Сирија, во која најпрво го посети Дамаск. Тој имаше многу интензивен ден исполнет со средби, започнувајќи од оние во Грчко-мелкитскиот патријархат.
Кардиналот Сандри, кој секогаш е во придружба на апостолскиот нунциј во Дамаск, кардиналот Марио Зенари се сретна со сириските епископи и во име на Папата ги извести за донацијата од Конгрегацијата за Источни Цркви односно за значајниот износ кој ќе се додели на секоја црковна покраина во земјата за поддршка на оние за кои епископот ќе процени дека најмногу им е потребна. Освен тоа најавена е конференција која ќе се одржи во Дамаск во март 2022 година, а на која ќе учествуваат и сите каритативни работници од поединечните епархии, за да го усогласат одговорот на итните случаи, посебно на големиот проблем со сиромаштвото и драмата на миграцијата.
Таа иницијатива ќе ја води Конгрегацијата за Источни Цркви, апостолската нунцијатура во Дамаск, заинтересирани дикастерии на Римската курија и агенцијата на Унијата на дела за помош на Источните Цркви (ROACO). Ќе биде потребно – истакна, да се работи на две нивоа: ангажирање за навремена и потребна помош во обновата и за соодветното размислување на меѓународната заедница. Со епископите кардиналот разговараше и за синодалното патување кое неодамна го започна папата Фрањо.
По божествената Литургија на византиски обред во мелкитската катедрала која ја предводеше кардиналот заедно со патријархот Јусеф Абси по повод почетокот на синодата на епископско ниво, префектот на Конгрегацијата за Источни Цркви се сретна во патријархатот со младите. Тоа беше искрен разговор кој траеше околу два часа во текот на кој е споделена за жал потребата од повнимателна формација и поактивно учество и потребата во текот на синодалното одење да се слушне гласот на младите.
Кардиналот Сандри ги поттикна да бидат протагонисти на револуцијата на љубовта, под водство на папата Фрањо и енцикликата Fratelli tutti. Младите пак преку кардиналот го повикаа Папата да ја посети Сирија како знак на нова надеж.
Во меѓувреме во рамки на посетата на кардинал Сандри парохот во Алепо отец Ибрахим Алсабаг го изнесе своето сведоштво и истакна дека доаѓањето на кардиналот Сандри пристигнува во критичен момент во кој војната водена со оружје отстапи место на војната на гладот. Повеќе од 95% од населението живее под границата на сиромаштвото, минималните плати не им овозможуваат да живеат – истакна. Во срцата владее очај и малодушност. Кризата е голема и во Алепо во кој наскоро ќе биде ладно, а недостасува плин и горива кои се многу скапи. Потребно е да се вратиме на кризниот пристап со дистрибуцијата на храна, задоволувајќи ги сите видови на здравствени потреби – истакна отец Ибрахим.
Ватикан њуз/к.мк