Папата до Хебрејскиот универзитет во Ерусалим: Бидете творци на вистински мир

Папата до Хебрејскиот универзитет во Ерусалим: Бидете творци на вистински мир

Папата Лав XIV се сретна со претставници на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим и ги охрабри да бидат светилник на надеж, мир и единство во свет обележан со насилство и поделби.

„Во време кое често се карактеризира со насилство и остра реторика, членовите на вашата разновидна универзитетска заедница можат да продолжат да бидат творци на вистински мир — мир што е невооружен и разоружувачки, скромен и истраен, работејќи за хармонија меѓу луѓето.“

Со овие зборови папата Лав XIV им се обрати на членовите на Одборот на гувернери на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, кои во четврток наутро, 18 јуни 2026 година, ги прими во Ватикан.

Светиот Отец најнапред им посака добредојде, изразувајќи надеж дека нивниот престој ќе им помогне подобро да го запознаат Ватикан и Рим — град кој не е само централен за потеклото и развојот на христијанската вера, туку и место кое со векови поттикнувало средба меѓу културите и народите.

Универзитетите како места на средба

Папата потсети дека универзитетите отсекогаш биле места на средба, каде што студентите и професорите заедно растат во мудроста.

„Иако тоа не е секогаш лесно“, призна Папата, „универзитетите мора постојано да работат на тоа можностите за значајни средби да останат достапни.“

Според папата Лав, ова е суштински дел од животот на секоја институција за високо образование, бидејќи нашите односи со другите, нашите јазици и нашите култури се од големо значење за тоа кои сме како човечки суштества.

Како природни места на средба, рече Папата, универзитетите традиционално биле „привилегирани места за дијалог“, каде што потрагата по знаење е длабоко поврзана со размената на идеи во академската заедница.

„Во атмосфера во која е можен дијалог исполнет со почит“, истакна тој, „секој може да расте во знаењето, учејќи од гледиштата и животните сведоштва на другите, дури и на оние со кои можеби не се согласува.“

Да се срушат бариерите на недовербата

„Во такви услови, со трпелива истрајност“, нагласи папата Лав, „можно е постепено да се работи на рушење на сите бариери на недоразбирање и недоверба што можат да се појават.“

Папата истакна дека Бог нè повикува да бидеме Негови орудија за да донесеме мир во светот, но дека тој пат мора да започне од самите нас.

„Наместо да веруваме дека мирот е невозможен и надвор од нашиот дофат“, рече папата Лав, „мора да се трудиме да го промовираме во нашите заедници и да го прифатиме и препознаеме во сопствениот живот.“

На крајот, Светиот Отец изрази надеж дека универзитетската заедница ќе продолжи да биде „светилник на надеж и единство во свет кој е сè повеќе поделен“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот