По славењето на светата Литургија во базиликата „Пресветото Срце Исусово“ во населбата Кастро Преторио во Рим, папата Лав XIV се сретна со членовите на заедницата основана од Свети Иван Боско, на која ѝ е доверена парохијата, изразувајќи благодарност за нивното служење на младите, особено кон странците.
„Како млад човек, пред да влезам кај августинците, ја посетив и салезијанската заедница. Вие бевте на второ место, жал ми е!“
Ова „признание“ на папата Лав пред членовите на заедницата основана од свети Иван Боско беше пречекано со смеа, додека им се обраќаше за време на неговата посета во базиликата „Пресветото Срце Исусово“ во населбата Кастро Преторио во Рим, во недела, 22 февруари 2026 година.
Тој ја изрази својата благодарност за нивното служење во многу делови на светот, „каде што има војна, каде што има судири, каде што има сиромаштија, каде што Исус сака да биде присутен“.
Таа близина „на Христос и Црквата“ добива и конкретен облик на улиците на Рим, во неговото „срце“, преку добротворните активности што ги поттикнува пасторалниот совет на парохијата.
Средбата со монашката заедница и средбата со пасторалниот совет беа двата завршни момента од пасторалната посета на Папата на парохијата која се наоѓа на само неколку чекори од железничката станица Термини. Присутен беше и кардинал Балдо Реина, генералниот викар на Рим.
„Ненапишаните знаци“ на милосрдието
Благодарение на заложбата на Салезијанците на свети Иван Боско, вдахновена од желбите на двајца папи, Пиј IX и Лав XIII, било возможно да се изгради базиликата. По поздравот на отец Фабио Атард, врховниот ректор на конгрегацијата, збор зеде Папата. Тој се надоврза на амвонот, каде беше истакнат стих од 20. глава на Евангелието според Иван, во кој се спомнуваат „многу други знаци“ што Исус ги направил, „кои не се запишани во оваа книга“.
„Вие сте дел од нив, вие сте израз на еден од тие знаци што не се запишани во книгата, туку се запишани во срцето на Исус. И денес ја продолжувате оваа многу важна служба во многу делови на светот, дури и таму каде што има војна, каде што има судири, каде што има сиромаштија, каде што Исус сака да биде присутен“, истакна Папата.
Поддршка за „најмалите во Царството“
Папата ја нагласи и богатата разновидност на близина и харизми што ја има салезијанското семејство: „оваа служба кон младите, оваа љубов кон воспитно-образовната мисија, толку многу изрази што ги живеете во многу земји ширум светот“.
Светиот Отец продолжи велејќи дека е „голема“ можноста заедно да ја слават заедничката вера, чувствувајќи се блиски со „најмалите во Царството“. Во Кастро Преторио тоа се, на пример, младите кои можат да користат услуги како курсеви по италијански јазик.
„Претходно му реков на наставникот дека ќе им се придружам и јас на часовите по италијански, секогаш може да се помогне“, се пошегува тој.
„Срцето“ на Исус и „срцето“ на градот
Потоа Папата се сретна со пасторалниот совет на базиликата „Пресветото Срце Исусово“. Откако побара аплауз за парохот, отец Хавиер Ортиз Родригез, Папата истакна дека црквата претставува „дом“ за „реката од ходочесници што секој ден поминуваат низ Термини“. „Срцето“ на градот и „Срцето на Исус“, рече тој, се спојуваат.
Тој ги повтори и зборовите што свештеникот ги кажа на крајот од Читургијата: „Навистина е прекрасно да се живее овој дух, не само духот на срцето на еден град, туку и духот на Срцето на Исус, кое секогаш е полно со љубов и милосрдие“, нагласи Папата.
„Милосрдие што се изразува во толку многу служби, толку многу облици на добротворност, на пречек, на придружување, во близината на Христос, во близината на Црквата со сите овие луѓе.“
„Да одиме заедно“
Изразувајќи надеж дека и во иднина ќе има нови можности за средби, папата Лав забележа дека пасторалниот совет, како и воспитно-пасторалната заедница во салезијански дух, има „синодална“ природа во своето изворно значење, односно „да одиме заедно“.
„И така вие, кои претставувате многу области, многу заедници, многу реалности на оваа парохија, собрани тука заедно и работејќи заедно, ја претставувате и оваа прекрасна димензија на црковниот живот, на животот на Црквата“, рече тој. „Ви благодарам за сè што правите.“
Ватикан њуз/к.мк

