Папата до новинарите: Црквата не е парламент или корпорација

Папата до новинарите: Црквата не е парламент или корпорација

Примајќи ги во аудиенција новинарите акредитирани во прес-центарот на Ватикан, Папата на двајца од нив им додели високи награди и им се заблагодари на новинарите за „нивната потрага по вистината, бидејќи само вистината нѐ прави слободни“.

„Новинарството е повеќе послание, отколку професија“, рече папата Фрањо примајќи ги новинарите акредитирани во Светиот Престол по повод двете награди. Станува збор за мексиканската новинарка Валентина Алазраки од Noticieros Televisa, која ја започна својата работа во 1974 година и Филип Пулела, американско-италијански дописник за Ројтерс. Овие ватикански ветерани со долгогодишно искуство ја добија високата Папска награда – Големиот крст на Пио IX. Наградувајќи ги овие извонредни новинари, Светиот Отец им се заблагодари на сите нивни колеги во Ватикан и ги поддржа во извршувањето на нивната тешка мисија.

Мисијата на новинарите

„Вашата мисија“, рече Папата, е да го направите светот помалку мрачен за луѓето за да гледаат на другите со поголема свесност и доверба. Тој издвои три аспекти од мисијата на новинарите: слушање, продлабочување и раскажување.

Слушање

Неговата Светост посочи дека глаголот „слушање“ е особено важен и за медиумските работници и за Црквата, особено сега кога започна синодалниот процес. За новинарите, „слушањето“ значи средба лице в лице со луѓето со кои зборуваат и со изворите од кои црпат информации.

Продлабочување

Папата Фрањо истакна дека глаголот „продлабочување“ е резултат на слушање и гледање. Секоја вест, секој факт, секоја реалност треба да се истражува, бидејќи, за жал, денес на социјалните мрежи постои логика на поедноставување и соочување. Новинарството треба да понуди повеќе отколку што може да се најде на интернет.

Раскажување

Третиот глагол, „раскажување“, според Светиот Отец, значи да не се ставаме себеси на прво место, туку да го почувствуваме влијанието на приказната што ја раскажуваме, дури и кога тоа нè прави да страдаме. Тој им се заблагодари на новинарите што известуваат за негативните работи што се случуваат во Црквата и помагаат да не се сокријат.

Црквата не е ниту парламент, ниту корпорација

На крајот од својот говор до новинарите во Ватикан, папата Фрањо истакна дека Црквата не е политичка организација со својата „десница“ и „левица“ како во парламентите. Таа не е голема мултинационална корпорација на чело со менаџери кои проучуваат како најдобро да го продадат својот производ. Црквата не се гради врз основа на сопствен проект, не живее со маркетинг стратегии.

„Црквата е составена од грешни луѓе и постои за да ја одразува светлината на Другиот, светлината на Исус, исто како што месечината ја рефлектира светлината на сонцето. Црквата постои за да го пренесе Исусовото Слово во светот и да ни овозможи денес да се сретнеме со живиот Христос, станувајќи носител на Неговата милосрдна прегратка, подадена на сите луѓе“.

Светиот Отец им се заблагодари на новинарите од Ватикан за работата што ја работат и рече: „Ви благодариме за вашата потрага по вистината, бидејќи само вистината нѐ прави слободни“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот