Папата до младите од Западна Африка: Сведочете за мир и љубов среде конфликти

Папата до младите од Западна Африка: Сведочете за мир и љубов среде конфликти

Папата Лав XIV ги охрабри младите од Западна Африка на нивниот пат на верата и ги повика да бидат пример за љубов, правда и мир во свет погоден од војни и конфликти.

Папата Лав XIV испрати видеопорака на англиски и француски јазик до илјадници млади луѓе собрани во Акра, Гана, по повод првите Денови на младите во Западна Африка.

Настанот се одржува од 7 до 12 септември под мотото „Охрабрете се: млади католици, носители и промотори на мирот и надежта во Западна Африка“, а го организира Регионалната епископска конференција на Западна Африка (RECOWA).

Во својата порака, Папата ги пофали епископите од 16 земји затоа што ги ставаат младите во центарот на своите пастирски приоритети.

„Убеден сум дека овие силни моменти поминати заедно ќе ви помогнат да растете во верата и уште подлабоко да се збогатите со вредности како што се средбата и отвореноста кон другите“, рече тој.

Папата Лав XIV забележа дека младите денес го носат товарот на сомнежот, неизвесноста и несигурноста, кои можат да ги загрозат нивните планови за иднината.

„Во време кога толку многу кризи го затемнуваат вашиот хоризонт“, рече Папата, „сакам да ве охрабрам да продолжите напред без да ја изгубите надежта“.

И покрај тешкотиите, Папата им порача на младите од Западна Африка дека тие не припаѓаат на „жртвувана генерација“, туку се „Божјото денес, сегашноста на Црквата“.

Цитирајќи го папата Бенедикт XVI, тој истакна дека младите се богати со таленти, енергија, соништа и надежи, додавајќи дека нивната младост сама по себе е богатство за Црквата и за светот.

Папата ги повика младите да го прифатат предизвикот да одат заедно и да донесат позитивни промени во своите општества.

„Да се оди заедно значи да се погрижиме никој да не биде маргинализиран, изолиран, исклучен или отфрлен“, рече тој. „Бидете градители на мостови меѓу луѓето, културите и религиите.“

Како што Исус го препознавал Божјото присуство кај луѓето што живееле на маргините на општеството, така и младите треба да го следат Неговиот пример и да ги вклучат сите во своето патување, рече Папата.

Папата Лав XIV им порача на младите собрани во Акра дека Црквата им верува и се потпира на нивната добра волја.

„Преку вашите зборови и дела испратете силна порака до нашиот свет, погоден од војни и конфликти од секаков вид“, рече тој. „Бидете сведоци на љубовта, правдата и мирот.“

Наместо да ја жртвуваат својата „скапоцена младост на олтарот на вештачките задоволства и површноста“, Папата ги повика да не се препуштаат на духот на светот, туку да излезат од себе и да ги остварат своите најдлабоки желби.

Папата Лав XIV ја заврши својата видеопорака доверувајќи ги младите од Западна Африка на застапништвото на Пресвета Дева Марија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот