Канцеларијата за печат на Светиот Престол, преку својот канал на Телеграм, соопшти дека папата Лав XIV се моли да престанат сите непријателства во регионот на Блискиот Исток. Папата се сети на „бројните невини, меѓу кои и многу деца“ кои ги загубија животите во бомбардирањата, како и на „оние што им пружале помош“, меѓу кои и отец Пјер Ел-Рахи, маронитски свештеник кој денес беше смртно погоден за време на напад во Либан.
Папата Лав XIV изрази „длабока болка“ „за сите жртви на бомбардирањата во изминатите денови на Блискиот Исток, за многуте невини, меѓу кои и многу деца, како и за оние што им пружале помош, како отец Пјер Ел-Рахи“.
Станува збор за маронитски свештеник кој попладнево во Клаја беше смртно погоден за време на напад што ја погодил една куќа во пределот на неговата парохија, во планинскиот дел, при што бил повреден еден од парохјаните. Како што изјави за ватиканските медиуми фрањецот отец Туфик Бу Мерхи, отец Пјер, заедно со повеќе млади луѓе, веднаш се упатил да му помогне на повредениот. Во тој момент следувал уште еден напад врз истата куќа и парохот бил тешко ранет. Пренесен во блиска болница, им подлегнал на повредите.
Тажната мисла на Папата, објавена преку Телеграм-каналот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, е упатена кон него и кон сите кои ги загубија животите во нападите во изминатите денови во регионот на Блискиот Исток, а особено за децата. Според организации што се грижат за децата, како УНИЦЕФ и „Save the Children“, околу 300 малолетници се убиени од почетокот на сегашната ескалација.
Во соопштението се наведува дека папата Лав XIV „со загриженост го следи она што се случува и се моли што поскоро да престанат сите непријателства“.
Ватикан њуз/к.мк

