Во пладневниот наговор во недела 1 јануари 2023 година, како и синоќа за време на Првата Вечерна за празникот Пресвета Богородица и на неделната света Литургија, папата Фрањо го спомена и својот покоен претходник. Во сабота, веднаш по неговата смрт, Папата отиде во манастирот Mater Ecclesiae да се помоли пред телото на папата Рацингер, кое е изложено во манастирската капела. Посмртните останки во понеделник наутро ќе бидат пренесени во ватиканската базилика.
Во овие моменти, го повикуваме неговото застапништво посебно за почесниот папа Бенедикт XVI, кој вчераутро го напушти овој свет. Сите заедно се соединуваме, со едно срце и една душа, благодарејќи му на Бога за дарот на тој верен служител на Евангелието и Црквата.
Со овие зборови на искрена наклонетост, папата Фрањо ја сумираше својата тага за смртта на неговиот претходник, но и благодарноста за оној кого, исто така, вчера на Првата Вечерна, го опиша како „дар за Црквата и светот“. Бенедикт, „добриот дедо“, „татко“ и „брат“, како што го нарекуваше во годините на неговиот понтификат, почина вчераутро, а Канцеларијата за печат на Светиот Престол во недела 1 јануари 2023 година објави слики од телото на почесниот Папа, кои се изложени во капелата на манастирот Mater Ecclesiae, зграда сместена во Ватиканските градини, на само неколку чекори од пештерата на Пресвета Богородица од Лурд, која Јозеф Рацингер ја избра за своја резиденција откако се повлече од Петровата служба во 2013 година.
Папата Фрањо отиде во манастирот Mater Ecclesiae
Папата Фрањо отиде во манастирот во сабота 31 декемаври 2022 година наутро, само неколку минути по 9.34 часот, кога почина почесниот Папа. Ова денеска го потврди директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, објаснувајќи дека откако личниот секретар на почесниот Папа, монс. Георг Гансвајн го информираше Папата, веднаш пристигнал во манастирот Mater Ecclesiae околу 10.00 часот. Тој го посети во среда 28 декември, веднаш откако го информираше светот за влошеното здравје на папата Рацингер, повикувајќи на посебни молитви за него
Телото е положено во манастирската капела
Папата Бергољо прв го посетил покојниот почесен Папа, кој според зборовите на оние кои биле со него во последните моменти од животот, починал во голем мир. Папата се помоли покрај телото, кое сега, како што е споменато, се наоѓа во капелата на манастирот Mater Ecclesiae, до јаслите, во папски црвени одежди. Од понеделник 2 јануари од 9.00 часот, три дена до погребот, на 5 јануари, телото ќе биде изложено во базиликата Свети Петар. Матео Бруни извести дека во понеделник наутро ќе биде извршен приватен обред за пренесување на телото на почесниот Папа со премин низ Вратата на молитва. Посмртните останки ќе бидат изложени во базиликата, најверојатно пред олтарот.
Ватикан њуз/к.мк