Во Новата синодална сала, папата Лав XIV го одржа завршното обраќање, посветено на надежта, синодалноста и одговорноста на Црквата во свет обележан од војна и криза во човечките односи.
Пред да го сподели своето завршно размислување за Вонредниот конзисториум, одржан од 26 до 27 јуни 2026 година во Ватикан, папата Лав XIV ја изрази својата близина, заедно со целиот Кардиналски колегиум, кон народот на Венецуела, „тешко погоден од силниот земјотрес овие денови“.
„Ги уверуваме во нашите молитви жртвите, нивните семејства и сите што ги трпат последиците од оваа трагедија. На Господ Му ги доверуваме и сите што учествуваат во спасувачките операции, и молиме солидарноста на меѓународната заедница кон таа сакана земја да не се намали“, додаде Папата.
Од Новата синодална сала, во сабота, на 27 јуни 2026 година, на почетокот папата Лав се обрати со зборови на благодарност.
„Сега доаѓаме до крајот на овие денови со големо чувство на благодарност. Ви благодарам за слободата, братството и црковниот дух со кои учествувавте во нашата работа. Со себе ја носам не само содржината на вашите размислувања, туку и искуството што ги овозможи.“
„Заедно ја баравме Господовата волја, уверени дека Христос продолжува да дејствува во Својата Црква. Тој оди пред нас, нè собира, зборува преку нашите браќа и нè води во мисијата. Сè доаѓа од Него и сè се враќа кон Него“, продолжи Папата.
Поради тоа, рече тој, за него било извор на утеха и надеж да гледа кардинали од толку различни Цркви, култури и ситуации како се слушаат едни со други и заедно бараат што најдобро му служи на Евангелието.
Во средиштето на своето размислување, Папата нагласи дека синодалноста не треба да се разбира како организациски метод или како низа состаноци, туку како начин на постоење на Црквата.
„Вистинското прашање на синодалноста не е кој има моќ да одлучува, туку како заедно го чуваме дарот што Господ ѝ го доверил на Својата Црква“, истакна тој.
Според Папата, овој пат се раѓа од средбата, расте преку меѓусебно слушање и созрева преку расудување водено од Светиот Дух. Затоа тој ги замоли кардиналите да го поттикнуваат спроведувањето на синодалниот процес во своите помесни Цркви и да градат негово автентично разбирање.
Раните на светот
Папата Лав забележа дека за време на Конзисториумот кардиналите ја споделиле својата загриженост за војните, сиромаштијата, неправдите и насилството што погодуваат многу народи во светот. Но, рече тој, зад овие трагедии стои уште подлабока криза, осаменоста, кризата на односите, губењето на надежта и тешкотијата едни со други да се препознаеме како браќа и сестри.
Папата особено ја истакна состојбата на младите, нивната потрага по смисла и автентичност, како и страдањето што во некои случаи завршува трагично. Тоа, според него, е една од најдлабоките рани на нашето време.
Тој ја нагласи и важноста на семејството како школа на односи, солидарност и надеж. Во тој контекст, најави дека во октомври ќе се одржи средба со водачите на Источните цркви и со претседателите на бискупските конференции, на која ќе се оцени приемот на Amoris Laetitia. На средбата ќе учествуваат и семејства.
Култура на дијалог против логиката на војната
Еден дел од обраќањето беше посветен на мирот. Папата Лав рече дека кардиналите јасно препознале една од основните мисли на енцикликата Magnifica humanitas. Војната не произлегува само од конфликти меѓу држави, туку од „култура на моќта“ што ги проникнува човечките односи, економијата, политиката, технологијата, па дури и религијата.
Како одговор, тој предложи повторно градење култура на соработка и дијалог, зајакнување на мултилатерализмот и поттикнување на учеството на мирјаните во јавниот живот, вдахновено од Социјалната наука на Црквата.
Папата ја бранеше и ненасилната реакција како длабоко евангелска можност. Тој појасни дека тоа не значи пасивност, туку соочување со конфликтите без повторување на логиката на омразата.
Во овој контекст, Папата откри дека неколку работни групи побарале подлабоко теолошко и пастирско размислување за легитимната одбрана, во светлина на промените што ги обликуваат современите конфликти.
Црква што сведочи пред да организира
Папата Лав нагласи дека обновата на Црквата не зависи само од структурни реформи, туку пред сè од сведоштвото на заедници способни веродостојно да го живеат Евангелието.
„Црквата е повикана сè повеќе да стане она што го навестува“, рече тој, нагласувајќи дека секоја институционална реформа ќе донесе плод само ако произлегува од средбата со Христос и од светотаинскиот живот.
Папата повторно ја потврди својата намера ова годишно собирање да продолжи и од следната година. Тој појасни дека датумот сè уште не е утврден, но се надева дека ќе го објави до крајот на оваа година.
Завршен повик за мир
На крајот од своето обраќање, папата Лав целосно го прифати како свој едногласниот повик што произлезе од Конзисториумот и ги покани кардиналите да го пренесат до сите Цркви и народи во светот.
„Бог продолжува да отвора патишта на помирување и мир во историјата. Ние имаме одговорност храбро да чекориме по нив и да му помогнеме на светот да ги препознае“, рече тој.
Папата им се заблагодари на сите за нивниот придонес, како и на известувачите, модераторите и на сите што со великодушност и дискретност овозможиле овие денови на работа и братство да се одржат.
„Ви благодарам што ми помогнавте уште еднаш да го препознаам делото што Христос продолжува да го врши меѓу Својот народ и во светот. Плодовите од овој Конзисториум ги доверуваме на застапништвото на Дева Марија, Мајка на Црквата. Нека таа нè научи да го чуваме единството во различноста и да му служиме на Евангелието на мирот со понизност, храброст и надеж. Ви благодарам.“
Ватикан њуз/к.мк

