На 23 ноември 2016 година во Ватикан, папата Фрањо ги прими учесниците на меѓурелигиската средба во организација на Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог и Организацијата за исламска култура и односи од Техеран.
Во краткото обраќање Папата истакна дека исклучително го цени присуството на оние кои допатуваа од Иран за да учествуваат на оваа важна средба.
Со радост се присети на средбата со иранскиот претседател Хасан Рохани во јануари оваа година, како и на средбата со потпретседателот на Иран за женски прашања и работи за семејството Шахиндокхт Молаверди која го посети Ватикан заедно со група професорки во февруари 2015 година. Папата рече дека таа средба му оставила позитивен впечаток. Тој ја истакна важноста на оваа 10 по ред меѓународна средба посветена на дијалогот, а на крајот на сите присутни повика Божји благослов.
Меѓународната средба заврши денес, а во текот на два дена христијани и исламски научници размислуваа за „Екстремизмот и насилството во име на религијата“, потоа на тема „Разумски пристап на религијата: знак на надеж за ранетото човештво“ како и на темата „Човештвото и неговиот заеднички дом; придонесот на религиите за подобар свет.“
Додаваме дека во декември 2014 година членовите на Папскиот совет и Организацијата за исламската култура и односи се сретнаа во Техеран за заедно да размислуваат на тема „Конструктивен дијалог помеѓу муслиманите и христијаните за доброто на општеството.“
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк