Папата ги прими во аудиенција украинските епископи
Папата Фрањо ги прими во аудиенција епископите од Украинската Католичка црква од Источен обред, кои во Ватикан од петокот ја започнаа својата редовна посета „Ад лимина“ при што стана збор за воениот конфликт во Украина и напорите за постигнување на мир.
Во текстот од официјалното обраќање, Папата ги повика епископите кон дијалог и соработка за постигнување на „возможен мир“. „Светиот Престол е заедно со вас, и пред меѓународните институции, за да бидат разбрани вашите права и вознемирувања, како и евангелските вредности од кои сте водени“.
Во говорот Папата е засегнат од „постоечкиот тежок конфликт, кој продолжува да зема невини жртви и предизвикува големи страдања на населението“ и повторно упатува апел до засегнатите страни „да биде спроведен постигнатиот договор и да се почитуваат принципите на меѓународното право“.
Папата ги повика украинските епископи „да го слушаат гласот на народот и да го поттикнуваат кон вредностите кои го карактеризираат: среќавањето, соработката, способноста да ги надминат противречностите. Со еден збор: да се бара возможен мир“.
Погледот на папата Фрањо е насочен и кон последиците од кризата, која се рефлектира во животот на семејствата, економијата и јавните институции, создавајќи „неправедна сиромаштија во една дарежлива и богата земја“. Оттука и неговиот повик до епископите да не ги прекинуваат своите пастирски обврски носени од верата и да бидат „бранители на семејствата, на сиромашните, невработените, слабите, болните, постарите, хендикепираните и бегалците“.
„Единството на епископите, освен доброто сведоштво пред Божјиот народ, е истотака, и непроценливо служење на нацијата, како на културен и социјален план, така на духовен – додава на крајот Папата во својата пораката. Ако сте обединети во основните вредности ќе ги имате најголемите богатства: верата и Божјиот народ. (…) Бидете благородни и однесувајте се еден кон друг како браќа“
РВ/В.Н.