Ви пренесуваме превод од предговорот на папата Фрањо од книгата „Молете се денес. Предизвик кој мора да се надмине“ од кардиналот Анџело Комастри, во издание на ватиканската издавачка куќа. Тоа е првиот том од серијата мали текстови што ќе бидат објавени во Годината на молитвата што ја најави Папата како подготовка за јубилејот. Текстот во целост го објави весникот „Avvenire“ на 23 јануари 2024 година.
Молитвата е здив на верата, таа е нејзиниот најспецифичен израз. Како тивок крик што доаѓа од срцата на оние кои веруваат и му се доверуваат на Бога. Не е лесно да се најдат зборови за да се искаже оваа таинство. Колку многу дефиниции за молитвата можеме да собереме од светците и духовните учители, како и од размислувањето на теолозите! Меѓутоа, секогаш и единствено молитвата може да се опише во едноставноста на оние кои ја доживуваат. Освен тоа, Господ нѐ предупреди кога молиме, не треба да употребуваме премногу зборови, залажувајќи се дека за тоа ќе биде услишана. Нè научи да ја претпочитаме тишината и да се довериме на Отецот кој знае што ни треба уште пред да го побараме (сп. Матеј 6, 7-8).
Редовниот јубилеј од 2025 година е пред нас. Како можеме да се подготвиме за овој многу важен настан од животот на Црквата, ако не преку молитва? Минатата 2023 година беше одредена за повторно откривање на учењето на Соборот, содржано пред се во четирите конситуции на Вториот ватикански собор. Ова е начинот за да се одржи во живот посланието кое собраните отци на Соборот сакаа да го стават во наши раце, и преку нејзиното спроведување Црквата да го подмлади своето лице и со соодветно јазик да им ја навести на мажите и жените убавината на верата на нашето време. Сега оваа 2024 година е време на подготовка за година која целосно ќе биде посветена на молитвата. Всушност, во наше време сè повеќе се чувствува потребата за вистинска духовност, која е способна да одговори на големите прашања кои секојдневно се појавуваат во нашиот живот, а се предизвикани и од разни настани во светот кои не се светли. Еколошко-економско-социјална криза влошена со неодамнешната пандемија; војни, посебно онаа во Украина, кои сеат смрт, уништување и сиромаштво; културата на рамнодушност и расипништво има тенденција да го задуши стремежот за мир и солидарност и да го отстрани Бог од личниот и општествениот живот… Овие појави придонесуваат за создавање на тешка клима, која спречува многу луѓе да живеат радосно и мирно.
Затоа, нашата молитва треба да ја воздигнеме со поголема истрајност кон Отецот, за да го слушне гласот на оние кои се обраќаат кон него со сигурност дека ќе бидат услишани. Оваа година посветена на молитвата на ниту еден начин не влијае на иницијативите за кои секоја поединечна Црква верува дека мора да ги планира во секојдневниот пасторален ангажман. Напротив, нè потсетува на основите на кои треба да се развијат различни пасторални планови и да се најде доследност. Тоа е време во кое, и лично и во заедницата, можеме повторно да ја откриеме радоста на молитвата во нејзините различни форми и изрази. Тоа е значајно време за зголемување на сигурноста на нашата вера и доверба во застапништвото на Дева Марија и светителите. Накратко, во годината во која ќе ја доживееме „школата за молитва“, не земајќи ништо здраво за готово, особено во однос на нашиот начин на молитва, повикани сме да кажеме секој ден како што во една прилика учениците го прашале Исуса: „Господи, научи нè да се молиме“ (Лука11,1).
Во оваа година повикани сме да станеме повеќе понизини и да направиме простор за молитвите што извираат од Светиот Дух. Тој е оној кој знае да ги стави вистинските зборови во нашите срца и на нашите усти за да ги слушне Отецот. Молитвата во Светиот Дух е она што нè соединува со Исус и ни овозможува да се присоединиме со волјата на Отецот. Духот е внатрешниот Учител кој укажува на патот што треба да се следи; благодарение на него само една молитва може да стане молитва на целата Црква и обратно. Ништо друго не ги прави христијаните обединети како Божјо семејство, кое знае да препознае сечии потреби за да станат сечиј повик и застапништво, како молитвата преку Светиот Дух. Сигурен сум дека во оваа година бискупите, свештениците, ѓаконите и катехистите ќе најдат најсоодветни начини да ја стават молитвата во темелите во најавата за надеж што јубилејот 2025 година има намера да го направи во ова немирно време. Затоа придонесот на посветените лица, посебно на заедниците со контемплативен живот, ќе биде многу скапоцен.
Се надевам дека во сите светилишта на светот, тие привилегирани места за молитва, ќе се зајакнат иницијативите за секој ходочесник да најде оаза на мирот и повторно да замине со срце полно со утеха. Нека личната и заедничката молитва биде постојана, без прекин, според волјата на Господ Исус (види Лука 18,1), за да се шири Божјото Царство и да допре Евангелието до секој што бара љубов и прошка. Со цел да се поттикне оваа молитвена година, создадени се овие кратки текстови кои со едноставноста на својот јазик ќе помогнат да се навлезе во различни димензии на молитвата. Им благодарам на авторите за нивниот придонес и со задоволство ги ставам овие текстови во ваши раце, за секој да може повторно да ја открие убавината кога се доверуваме на Господ со понизност и радост. И не заборавајте да се молите и за мене.
Ватикан њуз/к.мк