Папата: Вештачката интелигенција никогаш нема да ја замени улогата на лекарот или односот со пациентот

На аудиенција со членовите на медицинската конфедерација Confederación Médica Latinoiberoamericana y del Caribe (CONFEMEL), Папата Лав XIV ја истакна важноста на дијалогот и физичкото присуство во односот меѓу оние што лекуваат и оние што примаат грижа. Како пример за следење го посочи блажениот Хозе Грегорио Ернандес, „лекар на сиромашните“, кој ќе биде канонизиран на 19 октомври.
Дијалогот, комуникацијата и физичкиот контакт секогаш треба да бидат присутни во терапевтскиот однос. Вештачката интелигенција нема да може да го замени лекарот, ниту пак алгоритамот ќе може да го замени гестот на блискост или зборот на утеха. Со овие зборови, на 2 октомври, Папата Лав XIV ги прими на аудиенција членовите на медицинската конфедерација CONFEMEL, која претставува повеќе од два милиони лекари низ цела Латинска Америка, охрабрувајќи ги да размислат за суштинската важност на човечкиот однос меѓу лекарите и пациентите во свет што сè повеќе се потпира на технологијата.
Вештачката интелигенција може и треба да биде голема помош за подобрување на клиничката грижа, но таа нема да може да ги замени лекарите – нагласи Светиот Отец. Тој ги охрабри присутните да ја продлабочат важноста на односот меѓу лекарот и пациентот, односно меѓу две личности со тело, внатрешност и историја. Цитирајќи го Папата Бенедикт XVI, потсети дека лекарите се „резерви на љубовта“, кои носат мир и надеж на оние што страдаат.
Примерот на идниот светец Хозе Грегорио Ернандес
Римскиот Епископ го посочи примерот на блажениот Хозе Грегорио Ернандес, еден од најпознатите лекари во Венецуела на почетокот на 20 век, кој ќе биде канонизиран на 19 октомври на плоштадот Свети Петар. Тој знаел како да го посвети својот живот на доброто на пациентите и успеал да ја соедини својата голема медицинска стручност со посветеноста кон оние на кои им била најпотребна. Поради тоа ја добил титулата „лекар на сиромашните“.
Важноста на зборовите и телата
На денот кога Црквата ги слави Светите Ангели Чувари, Наследникот на Петар истакна дека односот меѓу лекарот и пациентот, заснован на личен контакт и грижа за здравјето, е сличен на односот со ангелите кои чуваат и штитат на животниот пат. Тој се повика на зборовите на Свети Августин, кој рекол дека Христос е и лек и лекар: „Тој е лекар бидејќи е Слово, а е лек бидејќи Словото стана тело“. Затоа Светиот Отец нагласи дека словото и телото се темел на односот меѓу здравствените работници и оние на кои им е потребна грижа, и дека дијалогот и физичката блискост имаат поголема вредност од сите средства и направи што се користат за лекување на болести.
На крај, тој изрази благодарност до лекарите за нивната пожртвувана работа и ги охрабри да се соочат со големите и предизвикувачки задачи со надеж, нудејќи живот и надеж на своите пациенти и на сите болни.
Ватикан њуз/к.мк