Папата: Бог продолжува да бара свои сојузници

Папата: Бог продолжува да бара свои сојузници

Во проповедта на светата Литургија во паркот Монца, Папата рече дека во евангелскиот дел го слушнавме најважното навестување за својот живот. Тој – како што кажа – со задоволство го чита во светлината на навестувањето за раѓањето на Иван Крстител.

Навестувањето за Иван Крстител се случува во најважниот литургиски момент во светилиштето на храмот, додека навестувањето за Исусовото зачнување се случува во загубениот крај во Галилеја, на периферно место кое и не е на добар глас – во безимената куќа на девојката Марија. Овој контраст – смета Светиот Отец – назначува дека новиот Божји храм, новата средба на Бог со својот народ, нема да се случи на места на кои тоа обично го очекуваме, туку на маргините, на перифериите – рече папата Фрањо.

Бог е оној кој има иницијатива и влегува во нашиот живот; во нашата куќа, во нашите секојдневни борби. Најубавото навестување кое можеме да го слушнеме е она „Радувај се, Господ е со тебе!“ Радоста која дава живот; надежта која во светот станува тело преку Кое својот поглед го насочуваме кон утре, на односот кој го имаме кон другите. Радоста која станува солидарност, прифаќање и милосрдие кон сите.

„Како ќе биде тоа?“ – го повтори Светиот Отец прашањето на Девицата и продолжи: „Како ќе биде тоа?“ во овие времиња оптоварени со многу мисли, додека болката чука на многу врати; и додека во бројни млади расте незадоволството заради недостатокот на вистински можности. Како вртоглавиот ритам на кој сме подложени да ни ја краде надежта и радоста. Многу притисок и немоќ пред толку ситуации изгледа дека ни ја стврднуваат душата и нѐ прават бесчувствителни  пред безбројните предизвици.

Парадоксално е – рече Папата – додека сѐ се забрзува за градење – во теоријата додаде – за подобро општество, на крајот немаме време за ништо и за никого. Како е можно денес да се живее радоста на Евангелието? Дали е можна христијанска надеж во оваа ситуација – овде и сега? Ова прашање го допира нашиот идентитет, животот на нашето семејство, нашата земја и град. Сепак, три клуча се кои ангелот ги нуди како помош во прифаќањето на посланието кое ни се доверува – рече Светиот Отец.

Првиот: сеќавањето. Ангелот ја потсетува Марија на Божјото ветување дадено на Давид, како плод на сојузот склопен со Јаков. Марија е ќерка на сојузот. Ние денес исто така сме повикани да се „сетиме“, да фрлиме поглед на своето минато за да не заборавиме од каде доаѓаме. Сеќавањето ни помага да не останеме заробеници на зборувањето кое – како единствен начин за решавање на конфликт – сее скршеници и поделби. Сеќавањето е најдобриот противотров кој ни е на располагање пред магичните „решенија“ на поделеност и отстапување – рече Светиот Отец.

Вториот: припадноста на Божјиот народ. Членови сме на големиот Божји народ! Народот составен од илјадници лица на судбина и поднебја, народ на многу култури и нации. Народ повикан да ги прифати различностите и со почит и креативно да ги интегрира. Народ кој е повикан да ја слави новоста која доаѓа од другите; народ кој не стравува од граница, народ кој не се плаши да го прифати оној кој е во потреба, затоа што знае дека со него е присутен и неговиот Господ – рече Светиот Отец.

Третиот: можноста на невозможното. „За Бог ништо не е невозможно“ – е одговорот на ангелот до Марија… Кога веруваме дека сѐ исклучиво зависи од нас, остануваме затвореници во сопствените способности, сили и своите кратковидни хоризонти. Кога напротив дозволуваме да ни се помогне; да нѐ советуваат и кога ќе се отвориме за милостите, изгледа дека она невозможното станува реалност. Бог продолжува да бара свои сојузници; луѓе способни да веруваат, луѓе кои се способни да се сеќаваат и да се чувствуваат за припадници на Божјиот народ, како соработници во креативноста на Духот. Бог уште трага по срца способни да го слушнат неговиот повик и да го овоплотат овде и сега – рече Папата.

Парафразирајќи го свети Амврозиј, неговиот коментар за овој дел, можеме да кажеме: Бог продолжува со потрагата по срца како што е Богородичното, способни да веруваат и во целосно вонредни услови. Нека Господ ја зголеми во нас оваа вера и надеж – посака на крајот од својата проповед Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот