Папа Фрањо: Вистинскиот мир се сее во срцето

Папа Фрањо: Вистинскиот мир се сее во срцето

Мирот во светот се гради почнувајќи од мирот во срцето зашто не можеме да бидеме христијани ако сееме војна во семејството, соседството и на работното место. На Литургијата во Домот на света Марта,  папа Фрањо се фокусира на читањето од Првото послание на светиот апостол Иван кое – како што објасни – укажува на патот кон мирот. Потребно е, имено, да се остане во Господ. Папата, исто така, ја упати молитвата кон Господ да ни го даде Светиот Дух за да може да останеме во Него и да нѐ научи да љубиме во едноставноста,  без војување на едни со други

Потсетувајќи на молитвениот повик од почетокот на Литургијата, со кој од Бог се бара на сите луѓе да им додели сигурен мир, Светиот Отец забележа дека кога говориме за мир, веднаш помислуваме на војна. Притоа кажа дека и овие денови, додека разговараме за мирот или за него молиме, нашите мисли одат во делови на светот каде владее напнатост и конфликти, секогаш на она што се случува однадвор, во некоја земја или некоја одредена ситуација. Мора да молиме за мир во светот, секогаш мора да го имаме пред себе Божјиот дар Мир и да го бараме за сите – рече Папата, поттикнувајќи притоа да се запрашаме дали имаме мир во домот и во своето срце.

Да се остане во Господ

Мирот меѓу луѓето или во некоја земја се сее во срцето. Ако во срцето немаме мир, како може да очекуваме дека во светот ќе има мир – запраша Светиот Отец и забележа дека обично за тоа не размислуваме. Притоа рече дека денешното литургиско читање од Првото послание на светиот апостол Иван укажува на патот кон внатрешниот мир, а тоа е останување во Господ. Каде е Господ, таму е мирот. Он е тој кој дава мир – истакна Папата и додаде дека Господ ни го праќа Светиот Дух преку кој ни доделува внатрешен мир.

Ако останеме во Господ, нашето срце ќе биде во мир и кога ќе направиме некој грев или некоја грешка, Светиот Дух ќе нѐ предупреди дека сме паднале. Како остануваме во Господ? – праша папа Фрањо и упати на одговор кој се крие во зборовите на светиот апостол Иван: „Ако се сакаме еден со друг” (1 Иван 4,12). Тоа е тајната на мирот – забележа и истакна дека вистинската љубов нѐ поттикнува да говориме добро едни за други. Во спротивно, ако не може да кажеме нешто добро, треба да ја затвориме устата. Нема да оговарам и да ги прераскажувам грдите работи зашто оговарањето и клеветењето на другите е војна – предупреди Светиот Отец.

Светиот Дух е Дух на мирот

Љубовта се гледа во мали работи. Ако во моето срце има војна, тогаш ќе има војна и во моето семејство, во моето соседство и на работното место – рече Папата и напомена дека љубомората, зависта и оговарањето се она што нѐ уништува и осакатува, нѐ наведува да војуваме едни против други. Освен тоа поттикна да размислиме за тоа колку често говориме инспирирани од Духот на мирот, а колку често нѐ инспирира духот на војната.

Во семејството, соседството и на работното место обично делуваме во духот на војната, настојувајќи другиот да го уништиме и “победиме”. Тоа не е љубов, тоа не е сигурно мирот кој сме го барале во молитвата – предупреди Светиот Отец и додаде Кога тоа го правиме, тука го нема Светиот Дух. Тоа му се случува секому од нас. Веднаш реагираме осудувајќи го другиот; на сите ни се случува, на лаиците, на свештениците, на монасите, на бискупот и на папата. Тоа е напаст од ѓаволот кој нѐ поттикнува на војна.

Кога ѓаволот ќе успее да нѐ поттикне на војна и да го запали тој “оган”, среќен е зашто не мора веќе да работи – рече папа Фрањо и објасни дека во тој случај ние ја продолжуваме неговата работа уништувајќи се едни со други. Продолжуваме со војната и уништувањето и одбивајќи ја љубовта, прво се уништуваме себе, а потоа и останатите. Освен тоа, предупреди дека навиката на “клеветење” на другите може да стане зависност. Тоа е семе кое ѓаволот во нас го посеал – рече Папата и заврши со молитва за сигурен мир, дар на Светиот Дух, со настојување да останеме во Господ.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот