Папа Лав XIV: Црквата е повикана да привлекува преку Христос, а не преку себе

Папа Лав XIV: Црквата е повикана да привлекува преку Христос, а не преку себе

Во време на длабоки духовни и културни промени, папата Лав XIV ја повика Црквата на јасност, понизност и мисионерска храброст. Во своето обраќање до учесниците на пленарната седница на Конгрегацијата за nauka на верата, Светиот Отец ги истакна главните предизвици со кои се соочува христијанската вера денес – губењето на духовните ориентации, прекинот на меѓугенерациското пренесување на верата и потребата Црквата повторно да му се обрати на светот со јазикот на вистината и љубовта.

Во центарот на говорот на папата Лав беше Христос, единствениот кој навистина го привлекува и го преобразува човечкото срце. Светиот Отец ја изрази својата благодарност до кардиналите, епископите и вработените во Канцеларијата за нивната тивка, но решителна работа во служба на вистината. Тој потсети дека задачата на ова тело, според Praedicate Evangelium, е да им помага на Папата и епископите во зачувувањето и продлабочувањето на католичката вера, особено во услови на нови културни и морални предизвици.

Во својот говор, папата Лав XIV го привлече вниманието на голем број важни документи објавени во последните години – од појаснувања за валидноста на Светите Тајни, до декларацијата Dignitas infinita за достоинството на човечката личност, како и размислувања за вештачката интелигенција, мариологијата и христијанското сфаќање на бракот. Овие текстови, нагласи тој, не се теоретски вежби, туку конкретна помош за верниците, пастирите и теолозите во свет кој брзо се менува.

Темата за пренесувањето на верата зазема посебно место во говорот. Папата истакна дека во многу општества постои длабок јаз меѓу генерациите и слабеење на христијанскиот идентитет, особено кај младите. Ова, рече тој, е болна реалност, но и повик за нов жар во евангелизацијата. Црквата е повикана да не се затвора во себе, туку да излегува, не со притисок,туку со привлечност, сведочејќи за Христос со својот живот.

Папата Лав XIV потсети дека не е Црквата сама по себе таа што привлекува, туку Христос, кој делува во неа преку љубовта на Светиот Дух. Секој христијанин, без оглед на неговата служба, останува „понизен работник во лозјето Господово“, повикан да служи без самобендисаност и без да бара признание.

Како заклучок, Светиот Отец се осврна и на деликатната мисија на Канцеларијата за испитување на сериозни канонски случаи, нагласувајќи ја потребата секогаш да се комбинираат правдата, вистината и милосрдието.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот