Папа Лав XIV: Старите лица се благослов за мисионерската динамика на Црквата

Папа Лав XIV: Старите лица се благослов за мисионерската динамика на Црквата

Папата Лав XIV се сретна со учесниците на Вториот меѓународен конгрес за пасторална грижа за старите лица и ја повика Црквата да создаде простор за нив во своето мисионерско делување

Дикастеријата за лаици, семејство и живот е домаќин на Вториот меѓународен конгрес за пасторална грижа за стари лица, кој се одржува во Рим од 2 до 4 октомври.

Во петок 3 октомври 2025 година, папата Лав XIV се сретна со учесниците на конгресот, чија тема гласи: „Вашите стари ќе сонуваат соништа!“

Во своето обраќање, Папата се повика на желбата на папата Фрањо за сојуз меѓу старите и младите, за да можат оние што живееле многу години и стекнале искуства да им помогнат на оние кои штотуку ја започнуваат „големата авантура на животот“.

Папата Лав нагласи дека нашето време сведочи за длабоки поделби меѓу генерациите, бидејќи постарите лица често се обвинети дека ја ограничуваат можноста за вработување на младите или дека трошат премногу економски и социјални ресурси што би можеле да се насочат кон нив.

Таквите песимистички гледишта ја прикажуваат долговечноста како „грешка“, рече тој, посочувајќи дека современата медицина им овозможила на многумина да живеат подолго отколку во која било претходна епоха.

„Постарите лица се дар, благослов кој треба да се прифати, а подолгиот живот е нешто позитивно“, рече Папата. „Тоа е знак на надеж во нашето време, присутен насекаде во светот.“

Папата Лав додаде дека оддалечувањето на старите лица од општеството произлегува од неподготвеноста да се признае дека „човекот е секогаш ограничено битие со потреби“, а не целосно доволен сам за себе.

„Ранливоста што се јавува во староста нè потсетува на оваа универзална вистина“, рече тој. „Затоа таа е скриена или отстранета од оние кои негуваат световни илузии, за да не се соочат со сликата на она што неизбежно ќе бидеме.“

Старите лица, истакна Папата, им сведочат на младите дека во универзалната динамика на животот, човештвото го наоѓа своето спасение преку признавањето на сопствената потреба од Бог и од ближните.

„Мерата на нашата човечност се открива преку нашата способност да дозволиме да бидеме сакани и, кога е потребно, да примиме помош“, нагласи тој.

Папата рече дека староста може да дојде и неподготвено, и затоа ги повика старите лица да се угледаат на Светото Писмо и на светците, за да живеат на христијански начин, со дух на надеж и без обесхрабрување.

Потоа Папата се обрати и до оние што им служат на старите лица, нагласувајќи дека можат да најдат важни сојузници во „младите стари лица“, односно оние кои штотуку ги завршиле своите работни години и имаат повеќе време за парохиски активности и молитва.

„Важно е да се пронајде соодветен јазик и можности за нив“, рече тој, „вклучувајќи ги како активни субјекти на евангелизацијата. Заедно со нив, а не на нивно место, да се соочиме со прашањата што ни ги поставуваат животот и Евангелието.“

Многу постари лица, рече тој, се оддалечиле од верата во младоста или никогаш не го примиле Евангелието. Црквата има задача да им го понуди спасението во Христос, без оглед на возраста.

„Таму каде што старите лица се сами и напуштени“, рече Папата, „потребно е да се донесе радосната вест за Господовата нежност, за да се надмине, заедно со нив, темнината на осаменоста – големиот непријател на животот на старите лица.“

На крајот, папата Лав XIV ги повика пастирите на Црквата да им помогнат на старите лица повторно да ја откријат смислата на своето постоење, за да изградат автентичен однос со Бог и самите да станат мисионери на надежта.

„Секој нека биде вклучен! Секој да ја почувствува својата вредност!“, повика Папата. „Дури и наједноставната молитва, изговорена со вера дома, придонесува за доброто на Божјиот народ и нè обединува во духовно заедништво.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот