Папа Лав XIV: Мораме да истраеме во љубовта и блискоста кон христијаните на Блискиот Исток
Црпејќи од своето лично сеќавање на мисијата во Перу, Папата ја истакна посветеноста на фондацијата „Weltkirche-Weltmission“ на Келнската надбискупија. Како што рече, станува збор за служба што ја покажува универзалната димензија на Црквата преку солидарност, зајакнување на врските на единство и сведочење за Евангелието на мирот во свет кој премногу често е обележан со поделби и страдање.
Папата Лав XIV во четврток, 30 април, упати зборови на благодарност и признание до членовите на фондацијата „Weltkirche-Weltmission“, институција позната како Бискупска канцеларија за Универзалната Црква и дијалог, основана пред 50 години во Келнската надбискупија во Германија.
Потсетувајќи се на своето искуство во Перу, Папата рече:
„Би сакал да додадам дека, кога бев епископ на Чиклајо во Перу, Келнската надбискупија со голема посветеност поддржуваше разни иницијативи, меѓу кои и набавка на опрема за производство на кислород, што спаси животи на многу луѓе. Тие и денес се благодарни за оваа поддршка.“
Мисли за Блискиот Исток
Светиот Отец нагласи дека посветеноста на фондацијата е обележана со љубов, солидарност, материјална помош и поддршка за христијаните принудени да бегаат поради војна, со што тие стануваат сведоци на Евангелието на мирот. Затоа повика:
„Ве молам да продолжите да го поддржувате христијанското присуство на Блискиот Исток, за да се осигури дека почитуваните традиции на Источните цркви ќе бидат зачувани, заштитени и признати низ целиот свет.“
Дијалогот отвора патишта за мир
Во својот говор на англиски јазик, Римскиот епископ им ја нагласи на присутните важноста на дијалогот, бидејќи Црквата не се наметнува, туку сведочи за вистината. Тоа е дијалог што го зајакнува заедништвото, отвора патишта на разбирање и служи на мирот. На тој начин Христос ги привлекува сите работи кон Себе и ја прави Црквата знак на единство и надеж за светот.
Идентитет во дијалог
Истакнувајќи ги елементите вкоренети во историјата на Келнската надбискупија и потсетувајќи на нејзините најважни моменти како знак на средба, меѓусебна размена и дијалог меѓу луѓето и културите, наследникот на Петар го спомена партнерството со Токиската надбискупија, прво од ваков вид во Германија, потпишано во 1954 година.
Тој истакна дека оваа бискупија е и пионер во добротворни иницијативи како „Мизереор“ и „Адвениат“, кои ги поставиле темелите за основање на фондацијата „Weltkirche-Weltmission“ во 1976 година. Папата додаде:
„Оваа визија за Црквата како бисински универзална, повикана на солидарност надвор од границите на Европа и поддржана од култура на дијалог, останува во самото срце на идентитетот на вашата организација.“
Универзалноста на Црквата
На тој начин, обликувајќи го својот идентитет, Келнската надбискупија природно станала, објасни Папата, еден од основачите на Унијата за помош на Источните цркви (ROACO), обезбедувајќи помош и поддршка за региони погодени од глад, поплави, војни и други кризи.
Надбискупијата одржува односи со други Цркви во повеќе од сто земји, со посебно внимание на Блискиот Исток и Источните цркви. Постојат и можности за стипендии за свештеничко образование и за помош на постари свештеници. Затоа Светиот Отец нагласи:
„Преку вашата великодушна служба, универзалната димензија на Црквата станува видлива и конкретна, поттикнувајќи солидарност, зајакнувајќи ги врските на единството и сведочејќи за Евангелието на мирот во свет кој премногу често е обележан со поделби и страдање. Ова сведоштво денес е потребно повеќе од кога било.“
Мисија на љубовта
Многу од нашите христијански браќа и сестри, заклучи папата Лав XIV, биле принудени да ги напуштат своите земји поради војна, насилство и сиромаштија, а опстанокот на многумина директно зависи од посветеноста и добрината на оваа фондација. Затоа порача:
„Ве охрабрувам да истраете во оваа мисија на љубовта, за тие да можат и понатаму да ја чувствуваат блискоста на универзалната Црква.“
Ватикан њуз/к.мк

