Во своето пладневно обраќање, Папата размислуваше за најплодниот начин на вложување во животот: да се искористи секоја можност за љубов – во семејството, парохијата, училиштето и работното место – со подготвеност и чувствителност еден кон друг.
На 10 август 2025 година, за време на пладневната проповед пред молитвата „Ангел Господов“, Папата Лав XIV ja коментираше евангелскaта одломка од денот, нагласувајќи го Исусовиот повик да размислуваме како најдобро да ги вложиме богатствата на својот живот:
Делата на милосрдието се најсигурната и најплодотворната „ризница“ каде што можеме да ги довериме богатствата на своите животи, бидејќи таму, според Евангелието, и сиромашната вдовица станува најбогата личност на светот.
Радикалност во дарувањето
Исус Христос, кој во овој евангелската одломка е на пат кон Ерусалим за да се предаде на крстот за спасение на светот, нè охрабрува на истата радикалност со која го живее својот живот, велејќи: „Продајте ги имотите ваши и давајте милостина!“ Даровите што Бог ни ги доверил потребно е да се искористат великодушно за доброто на ближните, а не да ги задржуваме само за себе – објасни Папата, додавајќи:
Не станува збор само за споделување на материјалните работи што ги имаме, туку за инвестирање во нашите способности, нашето време, нашата љубов, нашето присуство, нашата емпатија.
Дарување во односите
Токму дарувајќи се себе си за другите нè прави, во Божјата промисла, непроценливо добро, бесценет и жив капитал. Да не вложуваме во сопствениот живот, напротив, значи да ризикуваме да го исцрпиме и да ја снижиме неговата вредност на обичен предмет на потрошувачка. Затоа Светиот Отец нагласи:
Божјиот дар, кој сме ние не е даден за да биде исцрпен на овој начин. Потребни му се простор, слобода и однос за да биде реализиран и изразен: потребна му е љубов, која сама го преобразува и облагородува секој аспект од нашите животи, правејќи нè сè повеќе слични на Бога.
Вечниот живот како награда
Богатството создадено преку самодарувањето е скапоцено како и придонесот на сиромашната вдовица која, со две парички во храмовата ризница, стекна сè. Човек би се радувал ако од бронза добие сребро, или од сребро злато; но од она што го даваме добиваме нешто навистина различно, не злато или сребро, туку вечен живот – забележа Римскиот епископ, цитирајќи го Свети Августин.
Да се живее љубовта во секојдневието
Наследникот на апостолот Петар повика во секое семејство, парохија, училиште и работно место да се живее љубовта и да се биде внимателен, подготвен и чувствителен еден кон друг, како што Христос е кон нас во секој миг.
На крајот, Папата Лав XIV ја довери оваа желба и ја довери на будноста на Пресвета Богородица:
Таа, Утринската Ѕвезда, нека ни помогне да бидеме „чувари“ на милосрдието и мирот во свет обележан со толку многу поделби, како што нè научи Свети Иван Павле II и како што младите луѓе кои дојдоа во Рим за Јубилејот ни покажаа на толку прекрасен начин.
Ватикан њуз/к.мк