Лесно е да се помисли како отвореноста за животот подразбира дека Бог ќе ти даде она што сакаш, бидејќи и ти си толку великодушен и храбар. Но, не е така…
Секоја година на крајот на јули се одбележува природното планирање на семејството (ППС). Во текот на овие денови, видов многу исправно користење на ППС; борба со верноста на овој дел од католичкиот живот и многу други важни теми. Тоа што би сакала да го додадам е за оние кои успеале да бидат верни и кои поради таа верност се наградени со страдање, загуба или неплодност.
ППС не е само за големите семејства кои очекуваат нови членови или за семејства кои избегнуваат бременост заради сериозни причини. ППС е за сите семејства, вклучувајќи ги и не намерно малите семејства и семејствата кои трагично останале без деца. Првата година од мојот брак ППС беше стандарно прашање за нашето семејство, бидејќи добивме четири деца во пет години. Но, дури оваа година ја научив тешката лекција за ППС и потполното значeње на отвореноста за живот.
Бог не е бизнисмен
Оваа недела дознав дека нашето шесто дете умрело во седумнаесеттата недела од бременоста. Само месец дена порано го гледавме на ултра звук како се движи нашето бебе, беше нешто поголемо од просекот и го слушавме малото срце како совршено отчукува. Сите бевме воодушевени и возбудени. Сите, освен јас. Тогаш бев сигурна дека вака ќе заврши. Сигурна затоа што нашето петто дете пред помалку од година дена го загубивме токму на овој начин. Никој не знае зошто. Ќе минуваме низ многу тестирања следните денови и месеци, но лекарите веќе не предупредија дека е можно никогаш да не ја дознаеме причината.
Лесно е да се помисли како отвореноста за животот подразбира дека Бог ќе ти го даде тоа што сакаш, бидејќи си толку великодушен и храбар. Но, не е така. Отвореноста за животот не те осигурува од страдањата, како што и не отвореноста ти осигурува страдање. Бог не е бизнисмен кој наградува или казнува луѓе на земјата. Всушност, мислам дека отвореноста за животот значи да си отворен за страдање, тага, страв, смрт.
Дел од срцето кој што е надвор од тебе
Постои изрека која вели дека кога имаш дете тоа значи дека си подготвен дел од своето срце да дозволиш да оди надвор од тебе. Кога бев бремена со нашето најстаро дете, блиски пријатели загубија дете во несреќа. Се сеќавам како си помислив: „О, мало мое, никогаш немој да дојдеш надвор. Овде си сигурен.“ Сега ми е јасно дека не постои сигурно место. Штом го прегрнеш своето дете во своето срце, во своето тело, така го прегрнуваш и ризикот и можното кршење на срцето на илјада различни начини.
Минатата сабота одлучив да одам на исповед и на Литургија со своите деца. Приличен ангажман со оглед на тоа дека тато е зафатен, а инаку вообичаено посакувам да се собере целата екипа, но баш сакав да одам. Така отидовме и ги наредив големите на клупата, а најмалото го зедов со себе во исповедалницата. Му зборував на свештеникот дека ми е тешко да молам за своето неродено дете поради загубата на претходното бебе. Знаев дека молитвите не се секогаш услишани на начин како што сакаме. На мое изненадување, во исповедалницата не беше нашиот свештеник, туку свештеник во посета. Ми рече дека треба да молам за секое свое дете и да ги предадам на Бога: и живите, и оние кои умреле и ова дете во мојата утроба. Да ги предадам Нему и да поверувам дека Тој ги сака повеќе од мене.
Му ги предадов своите деца
Отидов дома и медитирав за неколку делови прочитани од Светото Писмо. Размислував за Марија која гледала како Нејзиниот Син страда и умира на крст. Размислував за Ана (мајка на пророкот Самуил) која молела и молела за својот син, а кога го добила го предала назад на Бог во храмот, па поретко го гледала. Размислував за Макавејците и нивната мајка која повеќе би ги видела мртви поради верата во овој живот за да може да биде со нив во вечноста. И размислував за Авраам и Исак. Молев како Авраам да не го задржувам своето дете ако Бог од мене бара да му го предадам.
Два дена подоцна побара. И му благодарам што ме прати во исповедалницата оној ден кога го прати тој свештеник таму. Му предадов уште едно дете и нема да Му замерувам поради одземениот живот кој и така веќе беше во Неговите раце, а никогаш во моите. Но, ми падна на памет дека токму таквото срце е менталитет на отворен живот. Ние не ги задржуваме нашите деца.
Новиот живот го ставаме во рацете на неговиот Создател
Ние не го задржуваме нивното постоење на овој свет кој тврди дека тие се пречка. Во светот кој зборува дека би му било подобро без нив. Во светот кој зборува дека би било подобро децата со потешкотии да не се помеѓу живите. Во светот во кој нема место за страдање или несигурност, ние не ги задржуваме своите деца. Учествувајќи во нивното создавање, од првиот момент новиот живот го ставаме во рацете на нивниот Создател и прифаќаме дека Тој ќе ги контролира сите денови од нивниот живот, од првиот па сѐ до послениот ден.
Затоа, ако сте отворени за животот и ако таа великодушност завршила со спонтан абортус, мртвороденче, смрт на детето, страдање со болест или на било кој друг начин, тогаш навистина сте отворени за животот, и ако не ви е дарувано дете, знајте дека вашиот Бог е прекрасен, храбар, голем дарител. Бевте подготвени за дарување, предавање, а не за задржување. И знајте дека и јас и многу други жени кои своите деца ги вратиле на Бог пред да посакаме, молат за вас и тагуваат со вас.
„Јас не знам како се најдовте во мојата утроба; јас не ви ги подарив ни духот ни животот, ниту преку мене се образувал составот на секого од вас. Затоа, Создателот на светот, Кој го создал човечкиот род и на сè му дал почеток, пак милостиво ќе ви даде и дух и живот затоа што сега не се штедите заради Неговите закони.” (2 Мак. 7, 22 – 23)
Жена Врсна/к.мк