Месецот октомври е посветен на Пресвета Богородица и молитвата Света Бројаница. Оваа молитва постојано ја препорачува Богородица преку своите објави (во Лурд, Фатима…).
Октомвриската побожност има свој историски почеток, односно настанала по повод битката кај Лепантo, кога во 1571 година Западна Европа била под опасност од турска инвазија. Папата Пиј V. упатил повик до христијаните да молат Света Бројаница. Како што сведочат историските документи, народот великодушно одговорил на повикот на Папата. Спречувањето на понатамошното продирање на Турците, папата го препишува на Светата Бројаница и застапништвото на Мајката Божја.
Побожноста Света Бројаница настанала од потребата на срцето да размислува за таинствата од Христовиот живот. Апостолите повеќе пати после воскресението сигурно размислувале за Христовиот живот, а како одминувало времето, можеби станало и спонтана навика од Марија да барале да биде водителка во размислувањата на Христовите таинства. Молитвата „Радувај се Маријо“ е дел од Светата Бројаница и нема ништо поубаво кога заедно со Мајката на Господ молиме и размислуваме за таинствата од животот на Исус. А неговиот живот таа најдобро го познавала.
Папата Фрањо пак за оваа октомвриска побожност повика секојдневно да молиме Света Бројаница и дополнително уште две молитви: Под товја заштита прибегнуваме… и молитва до свети Архангел Михаил за да ја заштити Црквата од ѓаволот.
к.мк