Ова е славење на светоста која се состои во љубовта кон Бог и кон нашите браќа и сестри

Ова е славење на светоста која се состои во љубовта кон Бог и кон нашите браќа и сестри

Папата Фрањо ја заврши својата посета на Шведска со света Литургија на стадионот Swedbank во градот Малме.

Папата Фрањо ја заврши својата посета на Шведска со света Литургија на стадионот Swedbank во градот Малме. Во продолжение можете да ја прочитате во целост проповедта на Папата.

Денес заедно со целата Црква го славиме празникот на Сите светци. Со тоа си спомнуваме не само на оние кои во текот на вековите се прогласени за светци, туку и на многу наши браќа и сестри кои на тивок и скромен начин во полнотата на верата и љубовта го живееле својот христијански живот. Сигурно меѓу нив се голем број членови на нашите семејства, пријатели и познаници.

Ова е славење на светоста, светоста која не се покажува во големите дела и извонредните настани, туку во секојдневната верност кон барањата на нашето Крштение. Тоа е светоста која се состои во љубовта кон Бог и кон нашите браќа и сестри. Тоа е љубовта која останува верна до точката на самоодрекување и целосно посветување на другите. Да помислиме на животите на сите оние мајки и татковци кои се жртвуваат за своите семејства и се подготвени да се откажат – иако тоа секогаш не е лесно – од многу работи, многу лични планови и проекти.

Но, ако има нешто својствено за светците тогаш тоа е следното: тие искрено се среќни. Тие ја пронашле тајната за вистинската среќа која се наоѓа длабоко во душата и својот извор го има во љубовта кон Бог. Затоа светците ги нарекуваме блажени. Блаженствата се нивниот пат, нивната цел и нивната татковина. Блаженствата се начинот на живот на кој Господ нѐ поучува за да можеме да Го наследуваме. Во денешното Евангелие слушнавме како Исус на планината во близина на Галилејското Езеро на големото мноштво му ги навестува блаженствата.

Блаженствата се сликата за самиот Христос согласно на тоа и за секој христијанин. Овде би сакал да спомнам само едно (од нив): „Блажени се кротките.“ Исус вели за себе: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце“ (Мт 11, 29). Овој е неговиот духовен портрет и го открива изобилството на неговата љубов. Кроткоста е начин на живот и делување која нѐ приближува до Исус и едни со други. Таа ни овозможува да оставиме на страна сѐ што нѐ разделува и отуѓува и да пронаоѓаме секогаш нови начини за напредување на патот кон единството. Така било со синовите и ќерките на оваа земја, вклучувајќи ја и неодамнешната канонизирана света Марија Елизабета Хеселблад, како и света Бригита созаштитничка на Европа. Тие се молеле и работеле за да ја создадат врската на единството и заедништво меѓу христијаните. Видлив знак на ова е дека во вашата земја во која соживотот го негуваат меѓусебно различни народи, заеднички ја одбележуваме 500 годишнина од реформацијата. Светците промените ги донесуваат по пат на кроткоста на срцето и преку таа кроткост ја сфаќаме Божјата величественост и Го славиме со искрени срца. Кроткоста е став на оние кои немаат што да загубат затоа што нивното единствено богатство е – Бог.

Блаженствата на некој начин се личната карта на христијанинот. Преку нив се знае дека сме Исусови следбеници. Повикани сме да бидеме блажени; да бидеме следбеници Исусови; да се соочиме со неволјите и грижите на нашето време со Исусовиот дух и неговата љубов. Според тоа треба да бидеме способни да ги препознаеме и да одговориме на новите ситуации со нова духовна сила. Блажени се оние кои остануваат верни и додека го трпат злото што им го нанесуваат другите и од срце им простуваат. Блажени се оние кои гледаат во очите на напуштените и маргинализираните и им ја покажуваат својата близина. Благословени се оние кои го гледаат Бог во секој човек и настојуваат и другите да го пронајдат. Блажени се оние кои го бранат и се грижат за нашиот заеднички дом. Блажени се оние кои се откажуваат од сопствената удобност за да им помогнат на другите. Блажени се оние кои молат и работат за полнотата на заедништвото меѓу христијаните. Сите тие се гласници на Божјото милосрдие и Неговата нежност и од Него сигурно ќе ја примат својата заслужена награда.

Драги браќа и сестри повикот за светост е упатен до сите и од Господ мора да се прими во духот на верата. Светците нѐ поттикнуваат со својот живот и со застапувањето пред Бог и ние – за да станеме свети – сме си потребни едни на други. Да си помагаме за да станеме светци. Да повикаме заедно за таа милост за овој повик да го прегрнеме со радост и заеднички да го доведеме до целосно остварување. На нашата Небесна Мајка Царица на сите светци да им ги довериме своите накани и дијалогот – насочен кон полнотата на заедништвото на сите христијани – за да бидеме благословени во своите напори и светоста да ја постигнеме во единството.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот