Во вторник 22 јуни 2021 година прес-службата на Светиот Престол ја објави пораката на папата Фрањо за 1. Светски ден на баби и дедовци и стари лица која носи наслов „Јас сум со вас во сите денови“ (Матеј 28,20).
„Јас сум со вас во сите денови“ (Матеј 28,20) се зборови кои ги ветува Исус на своите ученици додека се вознесува на небесата, пишува Папата на почетокот на својата порака до старите лица, додавајќи дека денес ги повторува до нив: „Јас сум со вас во сите денови“. Ова исто така се зборовите кои јас, римскиот бискуп и постар човек како вас, сакам да ги упатам на 1. Светски ден на баби и дедовци и стари лица. „Целата Црква е со вас – со нас – и се грижи за вас, ве сака и не сака да ве остави сами“, рече Папата.
Наведувајќи дека денешните времиња се тешки, особено за старите лица, папата Фрањо потсети на свети Јоаким, таткото на Блажена Дева Марија, кој се чувствувал бескорисен затоа што тој и света Ана немале деца. Така, според традицијата, додека тој тажно размислувал пред градските порти, Бог испратил ангел да го утеши, кој му рекол дека Бог ја слушнал неговата молитва. Тој додаде дека Бог и денес испраќа ангели да нè утешат во осаменоста и да потсетат дека Бог е со вас во сите денови.
Тој истакна дека тоа е смислата на одбележувањето на овој Ден, додавајќи дека ангелите некогаш ќе имаат лице на внуците, понекогаш на членови од семејството, некогаш стари пријатели или пак оние кои во овие тешки времиња сме ги запознале. „Господ, сепак, ни ги испраќа своите гласници и преку своето Слово, кое секогаш е при рака“, истакна Светиот Отец, поттикнувајќи дневно да се чита една страница од Евангелието, да се молат псалмите и да се читаат пророците. „Ќе бидеме утешени од Божјата верност. Писмото исто така ќе ни помогне да разбереме што Бог сака од нашите животи денес. За секој час од денот (сп. Матеј 20, 1-16) и на секоја возраст продолжува да испраќа работници во своето лозје“, напиша Светиот Отец. Како пример, го посочи неговиот избор за Папа кога веќе ја достигнал возраста за пензија и немал намера да прави нешто ново.
Порачувајќи дека Бог никогаш не се пензионира, Светиот Отец истакна дека „не е важно колку години имате, дали сè уште работите или не, дали сте самци или имате семејство, дали сте станале баба и дедо на рана возраст или подоцна, без разлика дали сте самостојни или ви треба помош. Затоа што не постои возраст за пензионирање при навестување на Евангелието и предавање на традицијата на вашите внуци“.
„Сакам да ви кажам дека сте потребни за да помогнете во изградбата, во братството и општественото пријателство за утрешниот свет“, пишува Папата, додавајќи дека меѓу столбовите што ќе ги поддржуваат, старите лица можат да помогнат посебно околу три: сонови, сеќавање и молитва.
Осврнувајќи се на зборовите на пророкот Јоил „старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија“ (2,28), Папата истакна дека младите можат да ги реализираат соништата на старите и со тоа заедно да ја градат иднината. „Соништата се испреплетуваат со сеќавањата“, продолжи Светиот Отец, истакнувајќи дека треба да се извлече поука од страдањата во војните и прогонствата. „Без сеќавање никогаш нема да можеме да градиме; без темели никогаш не се гради куќа. И сеќавањето е темел на животот. „Пишувајќи конечно за молитвата, папата Фрањо, го нарече почесниот папа Бенедикт XVI свет стар човек кој продолжува да се моли и да работи за Црквата. Тој еднаш рече: „Молитвата на старите може да го заштити светот, помагајќи можеби повеќе отколку избезумената работа на многу други“.
На крајот од пораката, Папата го посочи како пример блажениот Шарл де Фукол, кој живеејќи како пустиник во Алжир, покажа дека и во осаменоста на пустината е можно да се ангажира за сиромашните во светот и да се биде вистински брат и сестра на сите. „Го молам Господа сите ние, следејќи го неговиот пример, да ги отвораме срцата и да бидеме чувствителни на страдањата на сиромашните и да се ангажираме за нивните потреби. Секојод нас нека научи да повторува на сите, посебно на младите, зборовите на утеха упатени до нас што ги слушнавме денес: Јас сум со вас во сите денови! Да продолжиме да одиме напред. Господ нека ти го даде својот благослов“, истакнува на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк