Објавена пораката за 54. Светски ден на молитвата за звања

Објавена пораката за 54. Светски ден на молитвата за звања

На 30 ноември 2016 година е објавена пораката на Папата за 54. Светски  молитвен ден за звања кој ќе се слави на 7 мај 2017 година. Папата во документот говори за главните карактериски на Господовиот повик.

Што го карактеризира христијанскиот повик? Папата веднаш на почетокот на пораката објаснува што е звањето? Тоа е повик да се „излезе од себе“, водени од Светиот Дух да го слушаме гласот Господов, живеејќи го искуството на црковната заедница како привилегирано место во кое се раѓа, зацврстува и покажува Божјиот повик. Оној кој ќе овозможи да го привлече Божјиот глас и да го следи Исуса – пишува Папата – во себе брзо ја открива неповратната желба на браќата да им се навести Радосната вест преку евангелизација и служење во љубовта. Всушност станува збор за вистински мисионери; оној кој го љуби Бог за себе не може да го задржи тоа искуство – рече Светиот Отец.

Радоста на Евангелието, мисионерската радост го исполнува животот на заедницата на учениците. Токму односот со Господ подразбира испраќање во светот како пророк на неговите зборови и сведок на неговата љубов. Бог на тој пат помага во соочувањето со кревкоста, со чувството на непогодност, песимизам – пишува Светиот Отец додавајќи дека секој христијанин преку Крштението треба да го носи Христос на браќата. Тоа посебно важи за оние кои се повикани на живот посебно посветен исто така и за свештениците кои великодушно и мирно одговориле: „Еве ме Господи, испрати ме!“ – рече Папата.

Поаѓајќи од Евангелието Папата објаснува што значи да се биде ученик – мисионер. Во прв ред како Христос треба да се биде помазан од Духот и да се оди кон браќата за да им се навести Словото, за да им станеш оружје за спасение. Ученикот треба да го чувствува живото присуство на Исус Кој оди со нас како и со учениците од Емаус кои со нас го делат товарот на посланието, ублажувајќи ги моментите на малодушност. Папата повикува со доверба да се гледа во Господ кој ги надминува нашите очекувања и изненадува со својата великодушност, правејќи нашата работа да донесе изобилен плод. Освен тоа никогаш не треба да се занемари упорната и контемлативна молитва, слушањето на Божјото Слово и во евахаристиското обожавање негување на личниот однос со Господ.

Папата поттикнува на блиско пријателство со Господ, а го моли Бог за нови свештенички и монашки звања. На народот му е потребно да го водат пастири кои својот живот го трошат во служба на Евангелието, заљубени во Евангелието кои се жив знак на Божјата милосрдна љубов. Папата на крајот од пораката се обраќа до младите. Пред распространетиот впечаток на уморна вера, нашите млади сакаат да ја откријат секогаш актуелната привлечност на Исусовиот лик, да се препуштат да ги преиспитуваат и провоцираат неговите зборови и гестови – заврши Папата.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести, Проповеди

За авторот