Папата Фрањо ќе ги посети овие две европски земји од 26 до 29 септември. Предвидени се средби со свештенството, младите и властите; во Брисел, посета на кралот на Белгија и заедницата на стариот универзитет Лувен.
Со бројни средби и настани ќе бидат одбележани четирите дена од апостолското патување на папата Фрањо во Белгија и Луксембург, каде ќе престојува од 26 до 29 септември 2024 година. Канцеларијата за печат на Светиот Престол на 19 јули, ја објави официјалната програма за тоа меѓународно патување на Папата.
Пристигнување во Луксембург
Првиот дел од патувањето опфаќа посета на Луксембург, каде што Папата ќе пристигне во четврток, 26 септември наутро, по двочасовен лет. Светиот Отец, имено, треба да го напушти римскиот меѓународен аеродром Фиумичино околу 8.00 часот, а во 10.00 часот да слета на луксембуршкиот аеродром Финдел, каде ќе се одржи церемонијата за пречек.
Во 10.45 минути ќе има куртоазна посета на големиот војвода од Луксембург во Палатата на големиот војвода, по што ќе следи средба со премиерот во 11.15 часот, а во 11.50 часот со властите, граѓанското општество и дипломатскиот кор во градската палата „Cercle Cité“. Папата Фрањо таму ќе го одржи својот прв говор.
Средба со католичката заедница и поаѓање за Брисел
Римскиот бискуп својот втор говор ќе го одржи попладне, во 16.30 часот, со обраќање до католичката заедница со која ќе се сретне во катедралата „Нотр Дам“ во Луксембург. Светиот Отец ќе се прости од таа земја во 17.45 часот, за време на прошталната церемонија на меѓународниот аеродром Луксембург-Финдел. Поаѓањето за Брисел е предвидено за 18.15 часот. Во белгиската престолнина треба да пристигне во 19.10 часот, со слетување во воздухопловната база Мелсбрук, каде ќе се одржи церемонија за добредојде.
Средба со кралот на Белгија, потоа со властите и професорите на Универзитетот во Лувен
Настаните од вториот ден од патувањето, во петок, 27 септември, ќе започнат во 9.15 часот со куртуазна посета на белгискиот крал во замокот Лаекен. Потоа, во 9.45 часот следува средба со премиерот, а во 10.00 часот средба со властите и граѓанскиот сектор. За оваа пригода е закажан говорот на Папата. Попладне, во 16.30 часот, папата Фрањо ќе се сретне со универзитетски професори во „Промотизаал“ на Католичкиот универзитет во Лувен, еден од најстарите во Европа, кој во 2025 година прославува 600-годишнина. И за таа прилика е закажан говор на Папата.
Средба со свештенството и младите
Саботата, 28 септември, ќе биде посветена на средба со епископи, свештениците, ѓаконите, посветените лица, семинаристите и пасторалните работници, во базиликата „Срце Исусово“ во Кекелберг. Папата ќе им се обрати со говор. Средбата ќе се одржи во 10.00 часот. Во 16.30 часот, Светиот Отец ќе се сретне со студентите во Големата сала на Универзитетот Catholique de Louvain u Louvain-La-Neuveu; и за таа прилика е закажан говор. На крајот, како што е вообичаено на сите апостолски патувања, Папата ќе има приватна средба со членовите на Дружбата Исусовци во Институтот „Сен Мишел“.
Завршна света Литургија
Патување ќе заврши во недела на 29 септември со света Литургија во 10.00 часот на стадионот „Крал Бодуен“. Папата ќе одржи проповед и ќе моли Анел Господов со присутните верници. Потоа ќе замине во воздухопловната база Мелсбрук каде ќе се одржи проштална церемонија која е закажана за 12.15 минути. Се очекува да тргне за Рим во 12.45 часот и да слета на меѓународниот аеродром Рим/Фјумичино во 14.55 часот.
Ватикан њуз/к.мк