Објавен е календарот на литургиските прослави кои ќе ги предводи во октомври папата Лав XIV

Објавен е календарот на литургиските прослави кои ќе ги предводи во октомври папата Лав XIV

Папата Лав XIV ќе предводи со неколку тематски јубилеи на плоштадот „Свети Петар“ во октомври. Планирано е да бидат канонизирани седум блажени, меѓу кои Бартоло Лонго и венецуелскиот „доктор на сиромашните“ – Хозе Грегорио Ернандез Сиснерос. На крајот од месецот ќе се одржи Света Литургија за студентите кои ги посетуваат Папски универзитети.

Објавен е календарот на литургиските прослави кои папата Лав XIV ќе ги педводи во октомври. На 5 октомври, во 10:30 часот, Папата ќе ја предводи светата Литургија за Јубилејот на мисиите и Јубилејот на мигрантите. Во четврток, 9 октомври, во истото време, ќе предводи света Литургија за Јубилејот на посветениот живот.

Во недела, на 12 октомври, Светиот Отец ќе претседава со евхаристиското славење по повод Јубилејот на маријанската духовност. Една недела подоцна, на 19 октомври, во Неделата на мисиите, закажана е света Литургија во 10:30 часот за канонизација на седум блажени. Меѓу нив се мачениците Игнатиј Чукралах Малојан – ерменски католички надбискуп од Мардин, кој пострада за време на геноцидот во 1915 година, и Петар То Рот – папуански лаик и катехист, убиен во 1945 година затоа што продолжил со својата апостолска работа и покрај забраната наметната од Јапонците. Тој ќе биде првиот светец на Папуа Нова Гвинеја.

За светци ќе бидат прогласени и Винченца Марија Полони, основачка на Конгрегацијата на сестрите на милосрдието од Верона, Марија дел Монте Кармело Рендилес Мартинез, основачка на Конгрегацијата на слугинките на Исус, како и Марија Тронкати, монахиња од Конгрегацијата на ќерките на Марија Помошничка на христијаните.

Двајца лаици исто така ќе бидат воздигнати на олтарот: Хозе Грегорио Ернандез Сиснерос – лекар од Венецуела и член на световниот фрањевски ред, познат како „доктор на сиромашните“, и Бартоло Лонго – основач на светилиштето во Помпеја.

На 26 октомври, Петровиот наследник ќе ја предводи светата Литургија на плоштадот „Свети Петар“ во 10:00 часот наутро по повод Јубилејот на синодалните тимови и партиципативните тела, односно групи и поединци кои припаѓаат на Презвитерскиот, Пасторалниот или Економскиот совет и се активни на епархиско, национално или локално црковно ниво. Во понеделник, 27 октомври, папата Лав XIV ќе претседава со евхаристиско славење за студентите на Папските универзитети во базиликата „Свети Петар“ во 17:30 часот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот