Поздравен говор на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов за време на Академијата во чест на прославата на новооснованата Епархија струмичко-скопска
Ваша Еминенцио, г-дине Кардинале, Ваши Преосвештенства – оци надбискупи, бискупи, почитувани браќа свештеници, чесни сестри, представници на политичките власти и културни дејци, предраги верници, браќа и сестри,
Ниту можам ниту пак сакам вечерва да ја сокријам мојата трогателност. Длабоко ги доживувам овие настани кои нас и денес не собраа. Свесен сум на значајната дата која влегува во самата суштина на историјата на Божјиот народ на овие простори. Сосема е сигурно дека воспоставувањето на една Епархија има битна димензија која на сосема нов начин означува живот на помесната (локалната) Црква. Таа е настан во времето, но во себе вградува минато и одредува иднина. Кога Светиот Стол носи таква важна одлука за животот на верниците, тогаш очигледно има и историско искуство. Ако оваа одредена католичка заедница од византиски обред не се “пробиваше низ бурите и тешкотиите”, низ искушенијата и предизвиците и ОПСТАНАЛА, очигледно дека Универзалната Црква тогаш немаше да има доволно причина да ја доближи оваа организирана заедница до единството на независна, црковна заедница како што е Епархијата. Епархијата не е само форма на организирање на црквониот живот. Не, таа е и Таинство на животот на верниците во цврство заедништво на верата во Христос, како негово стадо – сопствен епископ, свештенство и народ – ја прави Црквата видлив знак во чиј што центар се одвива делото на спасението преку св. Тајни што Христос дејствува за спасение на секого кој бара спасение. Значи, ова не е само организациска форма, туку ЖИВО ТАИНСТВО НА ХРИСТОВОТО МИСТИЧНО ТЕЛО. Формирањето на независна Епархија е отворено за иднината. Уште повеќе: затоа и се воспоставува што има милосно послание овде и сега. За овие и идни времиња, за овие луѓе и за сите оние кои ќе дојдат. Испратени сме оваа свое служење на евангелието да го проповедуваме, сведочиме и да го живееме. Така и само така ќе бидеме нова гранка на големото стебло на Црквата. Благодрани сме на Светиот Отец папа Франциск и на сите оние на кои тоа спаѓа – во прв ред на Конгрегацијата за Источните цркви и овде назочниот нејзин Префект, Н. Е. Кард. Леонардо Сандри, на Меѓународната епископската конференција св. Кирил и Методие – и други, што ја препознаа потребата за воспоставување на нова Епархија на овие простори каде христијанството дише со непрекинат здив од апостолските времиња, од апостол Павле. Немало прекин ниту тогаш кога се случувале големи прогонувања, кога припадноста кон Католичката црква се плаќала само со една единствена валута, а тоа било крв. Како да не се биде благодарен, кога во овие времиња на криза на сите вредности – особено духовните – Светиот Стол препознава и дава нов импулс на оваа расфрлана и мала заедница?! Како да не се биде трогнат кога ќе се присетиме на своите светли предци, кои беа подготвени сѐ да жртвуваат, сѐ да изгубат, сѐ да напуштат, само едно да сочуваат: тоа е верата и припадноста кон една, света, католичка и апостолска Црква. Нивните жртви, често и преданоста на животот нѐ обврзуваат на понатамошна верност. На нови патишта, на нов начин на пасторал. Со еден збор да бидеме и натаму сведоци на верата, но и Знак. Да се биде знак не е лесно. Колку е повисок знакот, толку повеќе го напаѓаат ветровите и ударите од гром! Но ние сме подготвени, скромно и предано да го извршуваме своето послание, особено молејќи застапништво од Пресвета Богородица чие што име и заштита го носи новата Епархија. Ова предвечерие сака – со збор и песна – да не подготви за утрешната прослава. Тоа ќе биде наша заедничка средба со Бога, во која Неговата Еминенција и на дело ќе го внесе овој значаен почеток на животот на новата Епархија “нека Божјата милост ги прави верниците од мали и слаби во храбри и големи” како што е напишано во Булата на воспоставувањето на новата Епархија.
Нашата програма е скромна. Направена е со голема љубов, примете ја со љубов. Нашето најголемо богатство е љубовта и нека во тој дух ви биде пријатна оваа вечер!