Невработеноста претставува опасност за демократијата

Невработеноста претставува опасност за демократијата

Ако западне работата во криза, тогаш ќе дојде и до криза на демократијата – предупреди папата Фрањо за време на средбата со околу 300 претставници од „светот на работата,“ која воедно е првата постојка од неговата еднодневна пасторална посета на Џенова.

Одговарајќи на прашања на неколку присутни, Светиот Отец ја истакна важноста на достоинството на работата.

Претприемачите зборуваа за проблемите во економијата, претераната бирократизација, недостатокот на соодветна инфраструктура заради што се губи многу енергија. За жал, ниту воведувањето на новите индустрии не донесе поквалитетни работни места, туку социјалните нееднаквости се намножија. Еден работник се пожали за недостатокот на солидарност помеѓу колегите, додека конкуретноста и кариеризмот ја одредуваат работната околина. Конечно, зборуваше исто така една невработена жена за тоа што значи да се биде осуден на пасивност кога човекот повеќе не е дел од светот на работата.

„Италија е демократска Република заснована на работата“ – е првиот член од Уставот на Република Италија, а Папата го наведе за да укаже на тоа дека кризата на работата секогаш доведува до криза на демократијата. Светиот Отец истакна дека без работа може да се преживее, но за да се живее потребна е работа. Изборот е помеѓу преживувањето и живеењето. Од таа причина потребна е работата за сѐ. Папата Фрањо притоа ја истакна посебно невработеноста на младите, предупредувајќи дека станува збор за хипотеки на иднината.

Работата претставува човечки приоритет и затоа е и приоритет на Папата. Светиот Отец често зборува за работата и економијата, истакнувајќи го правото на работа и темелната важност на достоинството и самоодредувањето кое произлегува од работата. Во Џенова предупреди дека работата се обезвредува ако се мисли дека луѓето работат исклучиво за да бидат платени. Имено, овде станува збор за достоинство. Една од болестите на економијата е кога работодавачите стануваат шпекуланти кои гледаат исклучиво на профитот – рече папата Фрањо, предупредувајќи дека политиката често го поддржува тој стремеж за профит.

Потрошувачката тој идол на нашето време, како и задоволството кое ветува, заземаат централно место во нашето општество – рече Папата. Големите трговски центри, кои се отворени 24 часа дневно, седум дена во неделата, се нови храмови кои ветуваат спасение, вечен живот, како и исполнување на сите желби. Станува збор за нов капитализам на кој му е дојдено само до задоволство. А кога работата се покорува на потрошувачката – предупреди Светиот Отец – се штети на демократијата и на општеството.

Светот кој не ги препознава вредностите воопшто како ниту вредноста на работата, не ја разбира ниту Евхаристијата, вистинската и понизна молитва на работникот. Местата на работата се места од каде до Бог се воздига молитва: оние изговорените како и оние молитви изречени со рацете, потта и напорната работа – рече папата Фрањо, завршувајќи го својот наговор токму со молитва за работата, „О, дојди Створителе, Душе Свети.“

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот