Ливчиња од рози паѓаа од небото додека на празникот Успение на Пресвета Богородица беше благословен монументалната статуа на Богородица на Милосрдието во Конотопје, Полска.
Во сабота, на 15 август 2026 година, околу 2.000 луѓе се собраа на свечениот благослов на Споменикот на Богородица на Милосрдието во малото место Конотопје, Полска.
По светата Литургија, токму во моментот кога бискупот Кшиштоф Вентковски го благословуваше споменикот, над статуата се појави хеликоптер. Од синото небо почнаа да паѓаат илјадници црвени ливчиња од рози, кои ветрот ги разнесуваше над раширените раце на Марија.
Денот беше жежок. На широкиот плоштад во подножјето на споменикот тешко можеше да се најде сенка. Луѓето се ладeа со капи, ги засолнуваа децата од сонцето и постојано имаа вода при себе. И покрај големата жештина, ходочесници пристигнаа од цела Полска.
Место натопено со молитва
Свеченоста започна со заедничка молитва на Бројаницата. Светата Литургија ја предводеше бискупот Кшиштоф Вентковски од Влоцлавек, во сослужение со неколку десетици свештеници.
Присутни беа и поранешните бискупи на епархијата, Вјеслав Меринг и Станислав Генбицки од Влоцлавек. Во првиот ред седеше и поранешниот полски претседател и добитник на Нобеловата награда за мир, Лех Валенса.
Во својата хомилија, бискупот Вентковски ги потсети верниците дека споменикот не е случајно на тоа место и дека има историска позадина. Со децении, локалните жители и ходочесници ја посетувале блиската капела посветена на Богородица Жалосна.
„Местото на кое стоиме не е обично место; тоа е место осветено со молитвите на поклониците“, рече бискупот. Тој се осврна и на огромните димензии на споменикот, нудејќи толкување од расправите што се водат на интернет за височини и рекорди.
„Само ако Бог е голем, и човекот е голем“, рече тој, цитирајќи го папата Бенедикт XVI.
Затоа, нагласи бискупот, Марија не треба да го задржи погледот на човекот врз себе, туку да го насочи понатаму. „Овде, во Конотопје, ги подигнуваме очите нагоре; ги подигнуваме очите кон Марија, која нè насочува кон Бога“, истакна тој.
Богородица на Милосрдието
Размислувајќи за титулата Богородица на Милосрдието, бискупот ги нагласи врските на Влоцлавечката епархија со света Фаустина Ковалска.
Светицата, избрана од Бога да ја рашири пораката за Божественото милосрдие, е родена и крстена во блиското село Швинице Варцке.
Бискупот Вентковски забележа дека милосрдието е дар од Бога, но и задача доверена на сите христијани. Вистинското милосрдие не може да се одвои од вистината и треба да се изрази во конкретни зборови и дела, а не во попустливост кон злото.
Бискупот ги охрабри сите да се откажат од брзи осуди, озборување, клевета и навредливи зборови. Тој нагласи дека тоа се однесува на семејствата и работните места, но и за на социјалните мрежи, политичките расправи и христијанските заедници.
Неговите зборови имаа посебна тежина, бидејќи споменикот пред своето посветување веќе предизвика жестоки интернет-расправи.
Споменик со порака
Споменикот на Богородица на Милосрдието по своите размери ги надминува најпознатите религиозни статуи на европскиот континент.
Целата структура е висока околу 55 метри. Се состои од постамент во облик на круна висок околу 15 метри, во кој има лифт и видиковец, а над него се издигнува статуа на Богородица Жалосна висока околу 40 метри.
Одблизу, статуата не изгледа тешка. Нејзиниот долен дел наликува на масивен столб, но наведнатата глава на Марија и отворените раце ја омекнуваат монументалноста. Таа не изгледа како да се издигнува над толпата во гест на триумф, туку како да се спушта кон луѓето.
Токму тоа била намерата на авторот на проектот, Адам Јакуб Матејковски. Тој објаснува дека Марија не треба да биде само предмет на молитва, туку Мајка и Помошничка која активно му пристапува на човештвото.
Тој признал и дека првото чувство кога ја видел завршената статуа било олеснување. Се грижел дали на толку големи размери ќе биде можно да се зачуваат правилните пропорции и човечката убавина.
Каде се вбројува меѓу другите религиозни споменици?
Големите размери на споменикот во Конотопје овозможуваат тој лесно да ја надмине познатата статуа на Христос Спасителот во Рио де Жанеиро.
Исто така, ја надминува и статуата на Христос Царот во Швебоџин, Полска, која претходно важеше за највисока религиозна структура во Европа.
Сепак, споменикот во Конотопје не е светски рекордер. Самата статуа на Марија, без постаментот, е пониска од Virgen de la Paz во Трухиљо, Венецуела, висока 46,6 метри, и од Богородица од Сокавон во Оруро, Боливија, висока 45,4 метри.
Но, кога се смета и постаментот, структурата во Конотопје останува највисок објект од овој вид на европскиот континент. Од видиковецот во круната, посетителите можат да уживаат во панорамски поглед кон живописниот регион Добжинска Земја.
Заветен дар на благодарност
Проектот го финансирале Гражина и Роман Каркосик, брачен пар кој се вбројува меѓу најбогатите полски претприемачи. Тие со години вложуваат во развојот на регионот.
За нив, споменикот е приватен заветен дар на благодарност, со длабока голема димензија.
Скулпторот Адам Јакуб Матејковски, кој потекнува од блиското село Пловенжа, ја дизајнирал статуата и ја избрал нејзината локација.
Матејковски признал дека уште за време на изградбата престанал да ја гледа статуата само како свое уметничко дело.
„Не велам ‘мојата Богородица’. Велам ‘нашата’“, изјавил тој за Алетеја.
Споменикот се наоѓа во непосредна близина на светилиштето на Богородица Жалосна во Конотопје, место што семејството Каркосик исто така помогнало да се обнови и прошири.
Во светилиштето се наоѓа мала статуа на Богородица Жалосна, висока 53 сантиметри. Многу луѓе што тука го повикувале застапништвото на Богородица сведочат дека нивните молитви биле услишани на навидум чудесен начин. Токму оваа мала статуа ја инспирирала новата, монументална верзија.
Првичното барање за видиковецот и споменикот била поднесена до општината Кикув во 2023 година, а градежната дозвола била добиена во октомври 2024 година. Изградбата започнала во јануари 2025 година и траела околу 18 месеци.
Работниците вградиле илјадници тони бетон за структурата да може да трае со векови.
Нова туристичка атракција за регионот
Локалните власти се надеваат дека споменикот ќе го поттикне економскиот развој на целиот регион.
Градоначалникот забележа дека веста за статуата ја ставила претходно малку познатата општина на мапата, привлекувајќи внимание од цела Полска и од странство.
Споменикот на Богородица во Конотопје сега се вбројува меѓу најпрепознатливите религиозни скулптури во светот. Според сите показатели, уште долго време ќе ја задржи титулата највисока статуа од овој вид во Европа.
Но 2.000 луѓе што пристигнаа на 15 август не дојдоа за да ја мерат големината на статуа, нивното доаѓање беше проследено со молитва.
Статуата лесно може да се опише со бројки и статистики, но она што луѓето го донесоа во неговото подножје, благодарност, надеж, семејни грижи и искрени молби, едноставно не може да се измери.
Алетеја/к.мк

