На празникот свети Климент Охридски, во четврток 8 декември 2022 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, Н.В.П. монс. Киро Стојанов служеше во филијалната црква „Свети Климент Охридски“ во Стојаково, која го прослави својот заштитник. На светата Литургија сослужуваа свештеници од Струмичко – скопската пархија, а присуствуваа сестрите Евхаристинки од Гевгелија и Скопје, кои го предводеа литургиското пеење, како и верници од Стојаково и околните парохии.
На почетокот од својата проповед епископот Стојанов се заблагодари на парохот о. Тома Ангелов за можноста заедно со Божјиот народ да го прослави патрониот празник на оваа филијална црква. Зборувајќи за свети Климент Охридски и толкувајќи го Евангелието истакна дека треба да се соочиме со вистината дека така нареченото христијанство кое се потпира на обичаи, а не го познава Исус од Еванглието и не се храни со храната на Светите Тајни да бидеме сигурни дека таквото христијанство ќе исчезне, а ќе останат само христијаните кои се автентични, вистинити, бидејќи вистински се поврзани со Исус кој го познаваат и Кој ги познава. (…) Потоа владиката Стојанов зборувајќи за тоа што е автентичен христијанин рече дека Божјото лице не се докажува, туку се покажува и додаде: „Ако треба да докажуваме дека сме христијани, а тоа не се гледа, тогаш тоа е своеврсна екстравагантност. Автентичен христијанин е оној кој во животот ја пројавува својата припадност до Исусовото стадо. Ако се чувствуваме надвор или дека сме залутале, да допуштиме Добриот Пастир и нас да нѐ понесе на своите рамења и да нѐ врати во заедницата. Тој не само што тоа го може, туку и го сака.“
Проповедта епископот Стојанов ја заврши упатувајќи молитва до Свети Климент Папа и Свети Климент Охридски и преку застапништвото на Пресвета Богородица да нѐ доведат близу да Исус.
На крајот од светата Литургија отец Тома Ангелов, парох во Богданци и Стојаково се заблагодари на епископот Стојанов за неговата пастирска грижа, на присутните верници, како и на оние кои го организираа агапето во дворот на црквата.
Ватикан њуз/к.мк