Пред завршетокот на светата Литургија Скопскиот бискуп и Струмичко-скопскиот епарх монс. д-р Киро Стојанов му се заблагодари на Светиот Отец, неговиот говор го пренесуваме во целост.
Свети Оче, денес, додека нашата Црква овде во Македонија му благодари на Бога за овој неповторлив ден и настан што Бог ни го дарува, упатувам зборови на благодарност до Вас, Ваша Светост, што во своите апостолски патувања ја сврстивте и малата католичка заедница која живее во дијаспора а која во себе обединува две древни литургиски традиции: римска и византиска. При оваа пригода изрзувам благодарност до Бога и до Вас за воспоставувањето на новата Епархија.
На оваа единствена света Литургија што Вие ја предводивте со сите нас, навистина дишевме со “двете белодробни крила на Универзалната црква”. Ви благодарам во името на сите верници и сите луѓе со добра волја во нашата Татковина. Ние ве придружуваме со љубов и молитва во вашето големо служење на Црквата и човештвото.
Пред светата Литургија, во Спомен куќата на Мајка Тереза, го благословивте камен темелникот за градба на нејзиното Светилиште овде во Скопје, во нејзиниот роден град.
Мајка Тереза беше инспирирана и водена од духот на љубовта и служењето во евангелска смисла. Таа ја разнесе вистината за милосрдната љубов до краиштата на земјата. Ние сакаме да учиме како вистински се љуби Бог во секој човек, а пред сѐ во сиромашните.
На средбата во Катедралата очекуваме благослов на еден друг камен темелник: оној за Светилиштето кое имаме намера да го подигнеме во чест на Апостол Павле, на древната локација која од памтивек е нарекувана Паљурци, а не потсетува на апостолските времиња. Во училиштето на Апостолот на народите сакаме да учиме да бидеме радосни и храбри сведоци на Божјата Љубов, послушни на Духот и со отворени срца кон другите да бидеме автентични градители на едно општеството исполнето со доверба и праведност.
Подготовката за овој настан беше време на заедништво и заедничко одење. Ова искуство ќе остане длабоко вкоренето во нашите срца и во историјата на оваа Земја, како настан кој не исполни, а пред сѐ што не соедини. Тоа единство, кое е дар Божји, и кое ние сакаме да продолжиме да го градиме меѓу нас. Оваа апостолска посета зборува за Божјото искуство, без кое нема живот. Го молам Господа Бога, зборовите кои ни се посеани во нашите срца, посакувам во сите срца и на сите нивоа и структури да донесат плодови на живот.
Вие, Свети Оче, не утврдувате на патот кон верата. Денес, со Вас во молитва и во Ваша присутност силно ja доживуваме Божјата љубов, се препознаваме како браќа, дел од едно единствено семејство.
Благословете го сиот наш народ и сите луѓе во оваа преубава земја, а пред сѐ болните и немоќните, малите и сиромашните и многуте раселени низ целиот свет. Благословете не сите!“ – рече бискупот Стојанов.