На вториот ден од Велигден епископот Стојанов служеше света архиерејска Литургија во Радово
Епископот Киро Стојанов ги повика верниците, потпирајќи се на апостолското сведоштво, со својот живот да ја навестуваат радоста на Христовото Воскресение
На вториот ден од Велигден, 13 април 2026 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, ја предводеше светата архиерејска Литургија во парохиската црква „Свети пророк Илија“ во Радово. На светата Литургија со епископот сослужуваа протојереј отец Зоран И. Стојанов, отец Илија Стојанов, отец Оливер Тантушев и отец Атанас Сирачев.
Во својата проповед епископот Стојанов најнапред им се заблагодари на парохот и на парохискиот викар за можноста, заедно со верниците од парохијата во Радово, да го прослави празникот на Христовото Воскресение. Потоа се осврна на велигденското утро, кога Марија Магдалена, уште додека било темно, пристигнува на Христовиот гроб и прва се соочува со тајната на празниот гроб. Тој истакна дека Марија и жените ја донеле радосната вест до апостолите, а патот до верата и кај нив бил исполнет со сомнеж, збунетост и внатрешна борба. Петар и Иван, поттикнати од нејзиното сведоштво, потрчале кон гробот, носејќи во себе прашања, неизвесност и копнеж по вистината. Епископот нагласи дека ова трчање кон празниот гроб ја открива внатрешната состојба на човековото срце, кое постепено влегува во таинството на Воскресението. Гледајќи го празниот гроб, апостолите созреваат во верата, а нивните срца се отвораат за разбирање на Писмото и за прифаќање на вистината дека Христос навистина воскреснал.
Од тоа искуство, истакна епископот Стојанов, се раѓа сведоштвото на Црквата, кое и денес продолжува преку животот на верниците, кои се повикани да навестуваат за воскреснатиот Господ.“
На крајот од светата Литургија, парохот отец Илија Стојанов упати благодарност до епископот Стојанов за тоа што ја предводеше света Литургија и за татковските зборови на охрабрување упатени до собраниот верен народ.
к.мк

