Мултирелигиски собир во Хирошима на поттик на Ватикан за вештачката интелигенција и етиката

Мултирелигиски собир во Хирошима на поттик на Ватикан за вештачката интелигенција и етиката

Претставници на верските заедници, научници и бизнисмени ќе се соберат на 9 и 10 јули на поттик на Ватикан во Хирошима за да разговараат на тема „Вештачка интелигенција и мир“.

Хирошима дава впечатливо сведоштво за последиците од деструктивната технологија и постојаната потрага по мир, објави Ватикан во најавата за средбата.

На 6 август 1945 година, американската војска фрли атомска бомба врз Хирошима за да ја принуди Јапонија на капитулација во Втората светска војна.

По експлозијата загинаа непосредно 80.000 луѓе, а десетици илјади загинаа во следните години како резултат на радиоактивното зрачење.

На тоа „место полно со симболика“, претставниците на светските религии ќе го потпишат „Римскиот повик за етика на вештачката интелигенција“, (Rome Call for AI Ethics), документ од Ватикан за придржување до етичките принципи при користењето на вештачката интелигенција. Собирот е поддржан од Папската академија за живот, организацијата „Религии за мир Јапонија“, „Форумот за мир во Абу Даби“ од Обединетите Арапски Емирати и „Комисијата за меѓуверски односи“ на израелскиот главен рабинат.

Папската академија за живот го објави „Римскиот повик“ на почетокот на 2020 година. Потписниците се обврзуваат да ги следат принципите на тој документ кога користат вештачка интелигенција. Тоа се транспарентност, инклузивност, отчетност, непристрасност, доверливост, безбедност и заштита на податоците.

Меѓу потписниците се технолошките компании Cisco, Microsoft, IBM и агенцијата за храна на ООН ФАО, претставници на италијанската влада и верски групи.

„Римската повик“ беше потпишан во 2023 година од христијански, исламски и еврејски лидери. Заедничкиот повик за развој на етиката на вештачката интелигенција претставува чекор во насоката во која мора да одат сите верски традиции, се нагласува во поканата за состанокот во Хирошима. Меѓу другите, ќе учествуваат претседателот на Папската академија за живот, надбискупот Винченцо Паља, претседателот на „Религии за мир Јапонија“ будистичкиот свештеник Јошихару Томацу, претседателот на „Форумот за мир во Абу Даби“ шеикот Абдала бин Бајах и претставникот на израелската комисија за меѓуверски односи, рабинот Елиезер Симха.

Меѓу научниците кои ќе учествуваат на состанокот ќе бидат и советникот на папата Фрањо за прашања за вештачката интелигенција отец Паоло Бенанти и професорката по мировни студии на американскиот универзитет Нотр Дам, Лиза Ширч. Се очекува и доаѓањето на водечките менаџери на IBM, Microsoft и Cisco.

ИКА/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот